Економија

ЕБОР ја одобри новата петгодишна стратегија за Северна Македонија

Бордот на Директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри новата  Стратегија  за  Северна Македонија за следните пет години (2025-2030).

Канцеларијата на ЕБОР во Скопје денеска соопшти дека стратегијата се фокусира на стратешките приоритети на земјата: Зајакнување на регионалната интеграција преку поврзување и зајакнување на поврзаноста на ланецот на вредности, Забрзување на транзицијата кон зелена и одржлива иднина и Поддршка на поконкурентна, инклузивна и добро-управувана економија

Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, истакнува дека новата Стратегија ја определува јасната и амбициозна визија на ЕБОР во следниве пет години, фокусирајќи се на продлабочување на регионалната интеграција, забрзување на зелената интеграција, и градење на поконкурентна, инклузивна и добро-управувана економија.

- Преку инвестирање во отпорна инфраструктура и поддршка на развојот на ланецот на вредности, се стремиме да ѝ помогнеме на земјата да ја зајакне улогата во регионалната економија. Во исто време, нашата определба за декарбонизација и одржливи јавни услуги ќе го поддржи патот на земјата кон позелена иднина. Ќе продолжиме да го промовираме растот на приватниот сектор, демографијата, ќе го подобриме владеењето и ќе ја зајакнеме економската инклузија, особено за жените, младите и помалку застапените групи. Со силно локално партнерство и заедничка реформска агенда, уверен сум дека Северна Македонија е добро позиционирана да го отклучи целосниот потенцијал и да постигне уште подраматичен и инклузивен раст во годините кои следат, вели Туркменоглу.

ЕБОР е водечки инвестициски инвеститор во Северна Македонија и има инвестирано над ЕУР 2,9 милијарди во 198 проекти, пренесува МИА.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави дека очекува побавен раст во земјите во кои инвестира и ја намали прогнозата за економски раст за регионот во 2025 година, што е за 0,2 процентни поени помалку во споредба со претходната проценка од февруари. За Македонија очекува раст од 2,6 проценти оваа година, што е за 0,3 проценти пониско од претходната прогноза.

Според мислењето на банката, Македонија ќе забележи економски раст од 2,7 проценти во 2026 година, што е за 0,3 проценти пониско во однос на претходниот извештај. ЕБОР очекува стапката на економски раст на Западен Балкан да изнесува 3,2 проценти во 2025 година и 3,4 проценти во 2026 година, што во двата случаи претставува намалување во споредба со извештајот од февруари.

 

 

ПРЕПОРАЧАНО