Економија
Мицотакис награден за владините реформи и грчката економија
14.05.2025
За владините реформи и закрепнувањето на грчката економија, премерот на Грција Киријакос Мицотакис беше одликуван со златен медал на Фондацијата „Лудвиг Ерхард“ во рамките на годишната конференција на Економскиот совет на Христијанско-демократската партија (ЦДУ), јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека наградата му припаѓа на грчкиот народ и посочи дека постоеше период кога Грција честопати се сметаше, за „проблематично дете на Европа“, но и дека била оспорена способноста за реформи, а „дури и беше доведено во прашање местото во европското семејство“.
- Ова признание не е само мое. Пред сè му припаѓа на грчкиот народ, кој издржа големи страдања и жртви, но во исто време беше доволно храбар да прифати промени. Се покажа како неверојатно отпорен, без никогаш да не се откаже од можноста за подобра иднина, посочи Мицотакис.
Се осврна детално на грчката економија, рече дека во изминатите шест години биле отворени 500.000 нови работни места и нагласи дека ќе продолжат со „тешките реформи“.
Извор/фото МИА