Економија
Долгата и неславна историја на царинските војни
Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист
Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2025г.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе неочекувано високи царини буквално за целиот свет − 10 отсто за сите земји и дополнителни царини за земјите со кои САД имаат трговски дефицит, што се искачува до високи 54 отсто. Соопштението предизвика бурни реакции кои очигледно ќе прераснат во голема царинска војна.
Царините историски биле едно од клучните оружја на економските политики. Тие беа користени за заштита на домашното производство, за поттикнување на индустријализацијата и за намалување на зависноста од увоз.
Но, нивната ефикасност зависеше од контекстот, од целите и од начинот на имплементација. Во некои случаи, тие помогнаа да се изгради силна домашна индустрија, додека во други предизвикуваа трговски војни и големи економски проблеми.
Јужна Кореја е пример за земја која ги користеше тарифите како алатка за индустриски развој. Во текот на 60-тите и 70-тите години на минатиот век го ограничи увозот на готови производи, но во исто време го охрабруваше увозот на технологија и на суровини потребни за производство.
Заштитените домашни компании како Самсунг и Хјундаи на тој начин имаа време да се развијат и да ја зголемат својата конкурентност. Но, клучот за успехот беше тоа што тарифите беа привремени − како што компаниите станаа поконкурентни, Владата ги изложи на зголемена меѓународна конкуренција.
Кина спроведува слична стратегија од доцните 70-ти години на минатиот век. Како што кинеските компании стануваа посилни и научија да се натпреваруваат, земјата почна да се отвора сè повеќе и повеќе − влезот на Кина во Светската трговска организација во 2001 година беше пресвртна точка. Иако тарифите не исчезнаа целосно, пазарот стана многу поотворен.
Дебаклот на царинската војна на крајот на 19 век
САД имаат долга историја на користење тарифи, но подеднакво долга листа на мешани резултати. Два историски примери покажуваат колку може да биде деструктивна царинската политика кога се користи неправилно.
Тарифниот акт Меккинли од 1890 година беше еден од највисоките во американската историја. Со него просечните царински стапки се зголемија на околу 48,4 отсто. Тој драстично ги зголеми царините за голем број увезени производи со цел да ја заштити американската индустрија, особено производителите на железо, на челик, на текстил и на шеќер. Сепак, резултатот беше бран одмазднички тарифи од други земји како што се Канада и некои европски држави, што предизвика пад на американскиот извоз, пораст на цените за американските потрошувачи, влошена земјоделска криза и на крајот пад на поддршката за Републиканската партија на изборите.
Дебаклот на царинската војна од 1930 година
Актот Смут-Хејли од 1930 година, донесен во екот на Големата депресија, ги зголеми тарифите за повеќе од 20 000 увезени производи и ја зголеми просечната царина на повеќе од 59 отсто, највисока во историјата на САД.
Целта беше да се заштитат американските производители за време на Големата депресија, но законот предизвика трговска одмазда од повеќе од 25 земји, што дополнително ја влоши светската економска криза и го намали американскиот извоз за повеќе од 60 проценти.
Последиците беа драматичен пад на глобалната трговија, дополнително забавување на американската економија и зголемување на невработеноста. Економистите и денес го наведуваат овој закон како пример за тоа како протекционизмот може да ја влоши рецесијата.
Првиот обид на Трамп
Трамп веќе користеше царини за време на неговиот прв мандат, и тоа многу агресивно, особено како дел од таканаречената трговска војна со Кина, но и кон други партнери како ЕУ, Канада и Мексико. Потоа воведе царини за кинески производи вредни повеќе од 360 милијарди долари при што царините се движеа од 10 до 25 проценти. Тој, исто така, воведе царини од 25 отсто за челик, 10 отсто за алуминиум од речиси сите земји, вклучувајќи ги и традиционалните сојузници, и за европските автомобили.
Како помина тоа?
Кина возврати со царини за американскиот извоз, особено за земјоделските производи кои тешко ги погодија американските земјоделци. Владата мораше да воведе милијарди долари субвенции за да ја ублажи штетата. Цените на некои увезени производи се зголемија во САД, зголемувајќи ги трошоците за потрошувачите и за бизнисите.
Вкупната штета за американската економија е проценета на десетици милијарди долари, а студиите покажаа дека најголемиот дел од трошоците за царините паднале на американските купувачи, а не на кинеските производители.
До крајот на неговиот прв мандат, администрацијата на Трамп го постигна таканаречениот трговски договор Првата фаза во кој Кина вети дека ќе го зголеми увозот на американски производи, но многу обврски не беа целосно исполнети.
Тарифите на Трамп не ги постигнаа своите главни цели − дефицитот со Кина не исчезна, американското производство не се зголеми значително, а штетата ја почувствуваа потрошувачите и извозниците. Иако тарифите беа политички популарни кај некои гласачи, економските резултати беа повеќе негативни отколку корисни.
Дури и помалите трговски војни меѓу САД и Европската Унија за челик и за алуминиум (2018) и меѓу Канада и САД за граѓа и за млечни производи предизвикаа заемна штета.
Реакции од сите страни
Актуелниот американски претседател Доналд Трамп најави почеток на нова глобална трговска војна која ја нарече „прогласување на економска независност“. Но, аналитичарите и економистите во светот ги оценуваат неговите мерки како опасни, штетни и целосно економски неосновани, пишува Форин полиси (Foreign Policy).
Во говорот Трамп рече дека Америка „е ограбена, силувана и експлоатирана повеќе од 50 години“ од „пријатели и непријатели“ и дека американските компании „не смеат да работат во странство“ − што е целосно неконзистентно со реалноста бидејќи извозот на американски стоки и услуги во 2024 година надмина 3 трилиони долари.
Ден по објавувањето на мерките, Волстрит претрпе тежок удар − најпогодени беа технолошките акции. Постојат стравувања дека оваа трговска војна може да ги уништи глобалните синџири на снабдување од кои зависат водечките американски производители, а аналитичарите предупредуваат на можноста од спирален економски колапс.
Економистите се особено критични за едноставниот и погрешен модел на политиките на Трамп. На пример, тој пресмета за Кина дека бидејќи САД имаат дефицит со таа земја од 295,4 милијарди долари при увоз од 438,9 милијарди долари, тоа значи дека Кина на САД им „наплаќа“ царина од 67 отсто − така што, вели Трамп, САД треба да одговорат со реципрочни 34 %.
„Ова не е политика, ова е чиста глупост“, рече добитникот на Нобеловата награда за економија Џозеф Стиглиц. „Овој пристап целосно игнорира 250 години економска теорија“.
Во својот говор, Трамп се повика на претседателот од 90-тите години на деветнаесеттиот век Вилијам Меккинли кој, исто така, се опиша себеси како „цариник“. Но, економистите истакнуваат дека тоа беа сосема различни времиња − САД тогаш беа индустриска економија во развој, а глобалната трговија беше во повој.
Стиглиц нагласува дека современиот свет функционира сосема поинаку: услугите (како што се телекомуникациите, образованието и финансиите) сочинуваат 20 % од БДП, а производството само 10 %. „Трамп го игнорира фактот дека денешното производство користи роботи, а не луѓе и дека немаме доволно инженери за да се натпреваруваме со Кина“, рече тој.
Трамп во својот говор се осврна на притисокот на САД врз Јапонија во 80-тите години на дваесеттиот век, кога царините и политичкиот притисок ги принудија јапонските компании да инвестираат во САД. Денес јапонските производители во САД произведуваат повеќе од 3 милиони возила годишно − двојно повеќе отколку што се увезуваат од Јапонија.
Иако Јапонија сè уште има трговски суфицит со САД, јазот се намали. Но, Трамп, и покрај овие успеси, ја обвини Јапонија дека „94 % од автомобилите сè уште се произведуваат во Јапонија“ и воведе дополнителна царина од 24 %.