Економија
ЕК презентираше Стратегија за зајакнување на Единствениот европски пазар
21.05.2025
Европската комисија денеска презентираше Стратегија за Единствениот пазар на ЕУ, чија цел е создавање поедноставен, беспрекорен и посилен европски внатрешен пазар.
- Во денешниот несигурен свет, први партнери на Европејците мора да бидат самите Европејци. Време е европските компании да се „европеизираат“ пред да се „интернационализираат“, порача извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне при презентацијата на Стратегијата.
Според него, оваа Стратегија ќе го „олесни животот“ на бизнисите и ќе придонесе за укинување на главните бариери што се уште ја попречуваат трговијата во рамките на ЕУ.
- Денешната стратегија поставува нов пристап и метод. Со здружување на нашите напори, можеме да ги зголемиме придобивките од Единствениот пазар, кој е економскиот и социјалниот камен-темелник на Европа, додаде Сежурне.
Стратегијата, според него, утврдува „смели акции“ за намалување на постојните бариери што ја попречуваат трговијата и инвестициите во рамките на ЕУ, им помага на малите и средни претпријатија да работат и да ги зголемат своите активности и им олеснува на бизнисите преку поттикнување на дигитализацијата.
- Стратегијата ги повикува земјите членки да го дадат својот придонес, за да го направат пазарот на ЕУ најдобар избор за компаниите, работниците и потрошувачите, порача Сежурне.
Според ЕК, во денешниот свет обележан со економска нестабилност и трговски тензии, единствениот пазар на ЕУ е главниот двигател на европската конкурентност. Тој придонесува за зголемување на БДП на ЕУ за најмалку три до четири проценти и создава 3,6 милиони работни места, а со неговото понатамошното заокружување овие придобивки би се удвоиле.
Стратегијата се фокусира на отстранување на сите бариери за бизнисите, на внесување нова динамика во европскиот услужен сектор, на поддршка на развојот и растот на малите и средни претпријатија, на поедноставување на постојните правила и на поттикнување на дигитализацијата.
Според ЕК, од неговото создавање пред повеќе од 30 години, Единствениот европски пазар претставува моќен катализатор за растот, просперитетот и солидарноста на Европа. Тој претставува целина на 26 милиони бизниси и 450 милиони потрошувачи, со што ја прави Европа втор најголем пазар во светот со БДП од 18.000 милијарди евра, што претставува 18 проценти од глобалната економија.
Презентацијата на новата Стратегија следи откако лани во април Европскиот совет ја повика ЕК најдоцна до јуни годинава да подготви детален план на активности за зајакнување на Единствениот пазар на ЕУ, со јасно утврдена временска рамка.
фото freepic