Економија
Храната на Балканот и во цела Европа е неоправдано скапа, заклучок на здруженијата на потрошувачи
23.05.2025
Цените на храната неоправдано растат во Европската Унија, а особено на Балканот, и покрај бранот бојкоти на супермаркетите.
Медиумите во ЕУ и на Балканот ги пренесоа оценките на здруженијата на потрошувачи и производители дека растот на цените на храната значително ги намалува платите и приходите на граѓаните не само на Западен Балкан, туку и во Бугарија, Грција и Хрватска.
Општ заклучок на здруженијата на потрошувачи и производители во ЕУ е дека цените на храната растат, земјоделците добиваат сè помалку пари за своите производи, а профитот сè повеќе оди во касите на големите преработувачи и синџири супермаркети.
Француската влада неодамна ги повика директорите на неколку најголеми мрежи продавници за храна во Франција и Германија и побара објаснување за сериозните наоди дека на таен состанок во еден град во Германија се договориле за законски строго забранет картел на цени за прехранбените производи.
Претставниците на германските земјоделци и некои пратеници во Европскиот парламент токму на порталот „Проџект-синдикејт“ објавија податок дека само четири големи ланци малопродажни продавници во Германија контролираат 85 отсто од пазарот на храна.
„Многу голема концентрација е“, како што беше наведено, и во секторот на преработувачи на земјоделски производи.
Германската Комисија за монополи кон крајот на минатата година предупреди дека „големата пазарна концентрација сериозно ги погодува и производителите и потрошувачите на храна“, пренесува МИА.