Интервјуа

СО КЛУБОТ НА МЕНАЏЕРИ-ПРЕТПРИЕМАЧИ СОЗДАВАМЕ МОЖНОСТИ ЗА ПОБРЗ РАСТ НА ФИРМИТЕ

Јелисавета Георгиева

Извршен директор на Стопанската Комора на Македонија

 


Повод за ова интервју е Клубот на менаџери - претприемачи кој го формиравте при Стопанската комора на Македонија. Што беше мотивацијата за формирање ваков Клуб?

Ј. Георгиева: Се ставивме на целосно располагање и одговарање на барањата на нашите фирми со нашата логистика, знаењето, професионалноста, но и добрите контакти и соработката која ја имаме со домашните институции од една, и мрежата која ја имаме воспоставено со меѓународните институции од друга страна. Клубот на менаџери-претприемачи при Стопанската комора на Македонија претставува ексклузивна можност за членување во мрежа на растечки мали и средни компании. Затоа Стопанската комора на Македонија следејќи ги трендовите во европските земји од една но и потребите и барањата на нашите компании од друга страна, креираше нова алатка со која на едно место ги собира компаниите со цел нивна поддршка и нивен постојан раст. Нашите членови имаат можност да се приклучат во Клубот и да споделат искуства, контакти и знаење со цел остварување на континуиран раст и поддршка на бизнисот, преку постојана едукација и контакти со фирмите и потребните институции. Целта на Клубот е да овозможи учење преку релаксирана, но продуктивна атмосфера. Членовите имаат можност да следат едукативни настани во текот на целата година, со онапред предвидена програма која вклучува повеќе настани месечно. Исто така на едукативните настани доаѓаат и претприемачи од големите компании кои ги споделуваат нивните искуства за успех но и можностите за соработка со останатите.

Кој може да стане член на Клубот, дали има некакви посебни услови, пред и по зачленувањето?

Ј. Георгиева: Член на Клубот може да биде секој претприемач, раководител на сектор во компаниите, кој сака да биде дел од успешно поврзување, постојано учење и размена на искуства. Ги повикуваме и фирмите кои не се членки на Комората да станат членки на Клубот и со тоа да ги осетат сите бенефити од членување во Клуб кој нуди широка лепеза на услуги и, што е најважно, на едно место. Сѐ што им е потребно на фирмите, ние им обезбедуваме, ги спојуваме со институции, со банки, им помагаме во разрешување на нивните проблеми, нудиме наша експертиза, анализи со кои полесно ќе донесат некоја одлука и сл.

ОД НОВА ГОДИНА ДО ДЕНЕС ВО РАМКИТЕ НА КЛУБОТ ИМАМЕ ОРГАНИЗИРАНО 16 НАСТАНИ, СЕКОЈ МЕСЕЦ ПО 3 ЕДУКАТИВНИ НАСТАНИ, КАКО И 2 ГОЛЕМИ НАСТАНИ ЗА ВМРЕЖУВАЊЕ. ОД ЕВАЛУАЦИСКИТЕ ФОРМУЛАРИ, КАКО И ОД ДИСКУСИИТЕ СО ПРЕТСТАВНИЦИТЕ ОД ФИРМИТЕ - ЧЛЕНКИ НА КЛУБОТ ДОБИВАМЕ МОТИВ ДЕКА ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИМЕ СО ВАКВИОТ НАЧИН НА ДЕЈСТВУВАЊЕ БИДЕЈЌИ ВО МОМЕНТОВ ИМАМЕ 120 ПРЕТСТАВНИЦИ ОД КОМПАНИИТЕ КОИ СЕ ЧЛЕНКИ И КОИ СО НЕТРПЕНИЕ ГО ЧЕКААТ СЕКОЈ СЛЕДЕН НАСТАН НА КЛУБОТ

Една од главните активности на Клубот на менаџери - претприемачи е реализацијата на образовни програми. За што станува збор?

Ј. Георгиева: Бројните едукативни програми и обуки кои се нудат на пазарот им овозможуваат на менаџерите да го поттикнат стручниот и професионалниот развој на своите вработени, но она што е предност за нашиот Клуб е конструктивната програма и мрежа наменета за повеќе нивоа на менаџмент во компаниите. Од таа причина, Клубот на менаџери - претприемачи организира настани и нуди програми кои во крајна линија треба да придонесат за споделување знаење и искуство со цел долгорочна поддршка на компаниите и создавање нови можности за раст и за поврзување со саканите партнери. Едукативните настани опфаќаат обуки наменети за развој на „меки“ вештини потребни за секоја дејност, но и професионални, стручни обуки во чии рамките компаниите ќе стекнуваат познавања од различни области важни за тековното функционирање на секоја компанија. Дополнително, во рамките на секое ниво, постојат еднодневни семинари на теми од различни области во делот на ИСО стандардите, финансиите, човечките ресурси, а особено теми во делот на сите законски измени и следење и информирање на претставниците на Клубот со сите законски новитети и обврски кои произлегуваат од нив.

Покрај едукативните активности, членовите на Клубот имаат бројни поволности кои произлегуваат од членството. Една од поволностите е можноста за вмрежување по повеќе канали. Кажете ни нешто за тоа.

Ј. Георгиева: Клубот на менаџери - претприемачи претставува мрежа на мали и на средни претпријатија, во кој членуваат претставници од менаџерскиот тим на компаниите, кои ги користат бројните поволности во рамките на Клубот во делот на: пронаоѓање деловни партнери од земјава и од странство, промоции, соработка на домашните со странските компании и создавање синџири на добавувачи, поддршка при искористување на ЕУ фондовите, нудење алатка за електронско потврдување на бонитетот на компаниите, користење арбитража за решавање на стопанските спорови и брза наплата на ненаплатените побарувања, давање правна поддршка и консултантски услуги, подготовка на стручни економски и правни анализи од реномирани домашни и меѓународни центри за истражување и сл. Најновата алатка која ја воведуваме во Клубот и воопшто во Комората е поддршка на компаниите преку медијацијата како ефикасен начин на решавање на одреден спор.

Има и поволности кои се поврзани со правните аспекти на работењето на фирмите. Што им овозможувате во тој поглед на членовите на Клубот?

Ј. Георгиева: Нашите вработени кои работат во тимот на поддршка на членовите на Клубот на менаџери - претприемачи им стојат на располагање на најпрофесионален начин со својата стручност и експертиза во делот на правни прашања и на консултации. Стопанската комора на Македонија на своите членови на Клубот секојдневно им обезбедува преглед кој содржи информации за тековните активности и соопштенија од бизнисот. Исто така тие информации содржат редовни информации за сите бизнис случувања во Македонија, но и на регионално и на меѓународно ниво, како и за сите правни аспекти за работењето на компаниите.

Кога сѐ ќе се земе предвид, какви се досегашниот одзив и реакции на компаниите во однос на Клубот?

Ј. Георгиева: Од нова година до денес во рамките на Клубот имаме организирано 16 настани, секој месец по 3 едукативни настани, како и 2 големи настани за вмрежување. Од евалуациските формулари, како и од дискусиите со претставниците од фирмите - членки на Клубот добиваме мотив дека треба да продолжиме со ваквиот начин на дејствување бидејќи во моментов имаме 120 претставници од компаниите кои се членки и кои со нетрпение го чекаат секој следен настан на Клубот.

Стопанската комора излезе со пакет мерки поврзани со актуелната економска состојба во Македонија. Што содржи тој пакет?

Ј. Георгиева: Управниот Одбор на Стопанската комора на Македонија на седницата одржана на 21.6.2016 година донесе Заклучоци кои се врзани со потребата за што поитно постапување при спроведување на редовните административни постапки кои ги покренуваат компаниите пред одредени државните органи како и функционирањето на Солунското пристаниште, кои се моментално најактуелни теми според фирмите кои негативно се одразуваат на нивното работење. Иако штрајкот е официјално прекинат на 24 јуни и е во функција веќе два дена, како резултат на досегашните повеќекратни примери кога работата на пристаништето била оневозможена ради блокади и штрајкови од различна природа, потребно е и во иднина да алармираме навреме со цел превземање мерки за да се ублажат последиците и штетите кои ги трпи стопанството. Комората врска ова презема активности во насока на промоција на условите за превоз преку и други алтернативни пристаништа во регионот (Драч, Бургас, Бар).
Во насока да им се помогне на компаниите во спроведувањето на постапките пред одредени надлежните државни органи, за навремено, ефикасно и ажурно остварување на нивните права и интереси, Комората формираше тим кој ќе работи по поднесено барање од компаниите, за помош и поддршка во комуникацијата и во спроведување на административните процедури пред одредени министерства и другит органи на управата. Оперативната канцеларија која се отвори на барање на фирмите ќе биде на располагање 24 часа и отпочна со работа од 27 јуни 2016 година.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО