Економија

Стојков: Новата (не)нормалност бара храбри чекори и приспособливост на многу фронтови

Што очекуваат од 2021 година?

Александар Стојков, професор, правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје:

Веќе сме уморни од флоскулата „следната година е клучна“. Во 2021 година влегуваме со нови политички проблеми, нескротена здравствена крива, зголемена задолженост и искрени надежи. Новата (не)нормалност бара храбри чекори и приспособливост на многу фронтови. На индивидуален план би било корисно да ги скротиме суетите, да се засрамиме од егоизмот, да покажеме солидарност и човечност и секако помалку да денгубиме смислувајќи интриги. На компаниски план, потребно е повеќе да размислуваме стратешки, да го победиме стравот од иновации и да обезбедиме достоинствени плати за вработените. Потребни се лидерство и иновативни стратегии за отпорни и одржливи компании кои ќе го почитуваат најдрагоцениот ресурс − вработените. На државен план, брзо совладување на здравствената криза, мудро управување со јавните финансии и решително спроведување длабоки институционални реформи со цел да се креираат услови за забрзан, инклузивен и одржлив раст. Извонредно важно е да го смениме наративот во јавниот дискурс и да почнеме да зборуваме наместо за „криза“ за „заздравување“, „обнова“, „раст“, „нормализирање“, „враќање кон нормалноста“ и добрите вредности.

ПРЕПОРАЧАНО