Економија

Виктор Мизо: Конкуренцијата и земјите од поширокиот регион нема да стојат и да нè чекаат

Автомобилската индустрија во Република С. Македонија

Виктор Мизо, Костал, генерален менаџер

Aвтомобилската индустрија во Република С. Македонија - Фасцинантна трансформација на македонскиот извоз

Автомобилскиот сектор е сериозно потресен од здравствената и економска криза со која светот се соочува веќе подолго од една година. Состојбата во оваа индустрија не беше розова ниту пред ширењето на ковид-19 на европско тло, кога во полн ек беше (а сите знаци се дека ќе продолжи) тарифната војна меѓу САД и Кина, честите прекини на синџирите на доставувачи од Кина (кои се особено значајни за автомобилската индустрија и посебно електронските компоненти), притисок за електрификација на возилата и воведување на нови технологии. Од егзистенцијални и безбедносни причини крајните потрошувачи ги намалија апетитите за купување нови автомобили, но и генерално кризата влијаеше за нивна мобилност во периодот од март до јули минатата година. Ова предизвика пад на продажбата на нови возила на глобално ниво од над 20 % споредено со 2019 година, а тој пад беше најдрастичен во Европа – 24 %. Интересен е феноменот на раст на продажбата на електрични и хибридни/плаг-ин хибридни возила поттикнати од државни субвенции во неколку европски држави, како и растечките трендови на „зелена одржливост“ кои резултираа кон драстично зголемување на продажбите на овие возила во последните 4 месеци од 2020 година.

Сепак, реалноста не е толку охрабрувачка. Додека се намалуваше побарувачката за возила, пандемијата предизвика раст на продажба на уреди од областа на електроника за широка потрошувачка (consumer electronics) – паметни телефони и телевизори, конзоли за видеоигри, апарати за домаќинство, компјутери и сл.

Во автомобилите се користат повеќе од 100 различни видови чипови − микропроцесори кои помагаат во контрола на целосниот систем − од управувачот до комуникацијата, прилагодувањата на брзината и преносот на електричната енергија. Микропроцесорите кои се користат во автомобилската индустрија, наспроти оние во ајфони (iPhone) или лаптопи, треба да бидат поцврсти, способни да издржат низа температурни разлики и многу поголеми динамички сили при користењето на автомобилот. Воедно автомобилите имаат многу подолг век на траење од електрониката за широка потрошувачка, па затоа чиповите треба да бидат многу поиздржливи, но и со прифатливи цени со оглед на тоа што сите производители на автомобили се соочуваат со намалена профитна маргина. Дополнително, за чиповите за автомобилите некогаш е потребен и период од 5 години за развој на самата технологија. Поради ваквата состојба речиси сите производители на возила откажаа или намалија дел од своето производство, со делумно затворање на фабрики низ светот во периодот јануари – февруари, а можеби и подолго. Овој проблем се очекува да биде присутен најмалку 6 месеци додека со воспостават нови прозводни капацитети за производство на микропроцесори.

Иако состојбата во индустријата е далеку од задоволувачка, атрактивноста ја активираат најавите за инвестиции на големите, капитално моќни хај-тек компaнии како Епл, Алфабет (Гугл) преку Вејмо, Интел, Нвидија, Ел-џи, Самсунг во автомобилскиот сектор. Ова зборува дека на среден рок може да се очекува прогрес од поголеми размери.

Во очекување сме на нови проекти. Тоа се производи за нашите традиционални премиум клиенти за најновите електрични и хибридни модели. Истовремено се очекува постепен и разумен пад и трансформации на нарачките на стандардните мехатронски производи кон Smart surfaces каде Костал (KOSTAL) е многу добро позициониран. Бројот на вработени и понатаму ќе е во пораст, но со помала динамика споредено со претходните 2 години. Всушност, тука се лоцирани и поголемите предизвици со кои се соочуваат странските инвеститори во земјава. Како народ речиси и да немаме индустриска традиција, стручното техничко образование е во системска криза (дополнително влошена од пандемијата), па оттаму имаме недоволно едуциран и квалификуван кадар. Менталитетот и очекувањата на повеќе млади луѓе за брзи пари, по можност надвор од земјава, ги остава компаниите во дополнителни тешкотии да ги мотивираат младите за техничките области и воопшто за работа во фабрика на што сите гледаат како понижувачко и деградирачко. Дополнително компаниите во континуитет одделуваат значителни средства (и над првично планираните) за тренинг и доквалификација на својот кадар на локално ниво, но најчесто на нашите локации во Западна Европа.

Економската оправданост за зголемување на платите на вработените во која било индустрија мора да се гледа низ призмата на релативно ниското ниво на продуктивност кое не може лесно и брзо да се зголеми преку ноќ. Затоа е неопходна итна поддршка од институциите преку посебен и јасно модулиран концепт за финансиска поддршка за тренинг и обука на вработените, по пример на еврпските земји, како и зголемен ангажман и професионалност во обезбедување на After-Care услугите за постоечките инвеститори во државава. Несоодветниот образовен систем е голем товар за економијата. Ефективно имплементирање на дуалниот систем со практичната работа, соработка меѓу компаниите и универзитетите на конкретни задачи и процеси, инвестиции во опремување на средните училишта, но и во наставниот кадар, се базичните чекори кои треба паметно да се планираат и да се имплементираат што поскоро. Крајно време е наместо јалови дискусии, дебати и популизам сите заеднички да се фатиме за реална работа ако сакаме видливи резултати, посебно во време на глобална економска криза каде што закрепнувањето ќе потрае подолго од првичните прогнози. За да се „вратиме“ во игра и да си дадеме можност да привлечеме нови инвестиции, сите овие активности и реформи се императив бидејќи конкуренцијата и земјите од поширокиот регион нема да стојат и да нè чекаат.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО