Економија

Аврам Стојчевски: Ван Хол е значаен играч на европскиот пазар на независни производители, но уште позначаен е на пазарот во САД

Автомобилската индустрија во Република С. Македонија

Аврам Стојчевски, Ван Хол, менаџер на фабриката

Aвтомобилската индустрија во Република С. Македонија - Фасцинантна трансформација на македонскиот извоз

И покрај фактот што индустријата за производство на автобуси припаѓа во секторот автомобилска индустрија, сепак таа значително се разликува од индустријата за производство на автомобили. Имено, додека автомобилите се претежно наменети за лична употреба или за корпоративни флоти и рент-а-кар компании, автобусите генерално се комерцијални возила и се користат во индустриите на транспорт на луѓе, индиректно зависни од туризмот, хотелиерството и угостителството.

Земајќи го предвид претходново може лесно да се заклучи, а тоа го потврдува и реалноста, со појавата на ковид-19 болеста која предизвика затворање на хотели, на угостителски објекти и откажувања на групни патувања воопшто, индустријата за производство на автобуси (слично или исто како и авиоиндустријата) беше и сè уште е значително негативно погодена. Немајќи поле за бизнис, големите меѓународни тур-оператори, како и меѓуградските транспортери, доколку во меѓувреме не банкротирале, беа принудени да ги откажуваат веќе нарачаните автобуси и да ги одложуваат новите нарачки за некои подобри времиња кога бизнисот на услуги и патување ќе почне да се враќа во нормала. Оваа криза во индустријата компаниите производители на автобуси делумно пробуваат да ја компензираат со производство на градски автобуси, но диспаритетот меѓу капацитетите на понудувачите и реалните побарувања за нив се далеку од тоа да овозможат еден нормален производен тек на кој било европски производител.

Ван Хол е значаен играч на европскиот пазар на независни производители, но уште позначаен е на пазарот во САД. Ван Хол е навистина посакуван бренд за сите големи корпорации кои користат возила за своите вработени – од Фејсбук, преку Гугл, Мајкрософт и Епл. Нашите автобуси ќе ги забележите и во Дизни ворлд, Кенеди спејс центарот итн.

Компанијата располага со две фабрики за производство на автобуси, една во Белгија и една во Северна Македонија, како и производен капацитет во Белгија за производство на индустриски возила – камионски приколки, цистерни и сл. Нашите очекувања се со стабилизацијата на корона кризата, т. е. по масовните вакцинации, бизнисот полека да се врати во нормала. И покрај тоа што таа може да потрае цела оваа, па дури и дел од наредната година, сепак фирмата е силно ориентирана кон продолжување на својот зацртан развоен пат.

Таа тоа веќе го докажа на пример со лансирањето на прв 100 % електричен автобус за американскиот пазар при крајот на 2020 година, понатаму со имплементација на чисти технологии во однос на животната средина кај градските автобуси како што се хибридната и технологијата на горивни ќелии. Компанијата е една од малубројните кои произведува т.н. еколошки трамвај на тркала (Exqui.City). Оваа година воедно се започна со подготовка за лансирање на нови модели на автобуси за европскиот пазар, уште помодерни и технолошки и еколошки понапредни.

Накратко, од горе изнесеното е јасно дека Ван Хол е детерминиран да се соочи со сите предизвици од оваа криза и тоа го прави и ќе го прави на начин кој е најоптимален за следење на својот успешен пат.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО