Економија

Петер: Со вакцините против корона вирусот, а во насока на закрепнување на економијата!

Штефан Петер

претседател на Советот на странски инвеститори

И по една година сè уште дискутираме за истите теми поврзани со пандемијата предизвикана од корона вирусот и нејзиното влијание врз целосното социо-економско живеење, па не е изненадувачки што вниманието на јавноста сè повеќе е насочено кон дистрибуцијата на вакцината за борба против вирусот.

Пандемијата создаде значителни економски предизвици во текот на минатата година, вклучително и кратка, но многу стрмна светска рецесија. Иако можеме да кажеме дека економијата во голема мера закрепна, сè уште е далеку од нормализирањето кое го очекувавме кон третиот и четвртиот квартал од минатата година.

Брзото создавање и одобрување на првите вакцини се чини дека позитивно влијаеше на расположението на инвеститорите во последните месеци од 2020 година и се сметаше за охрабрувачки знак за долгорочното заздравување на економијата.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува дека зголемената достапност на вакцини против ковид-19 ќе послужи како поттик за силно економско закрепнување во светот оваа година. ММФ предвиде дека глобалната економија ќе порасне за 5,5 проценти во 2021 година, во октомври ова предвидување беше 5,2 проценти, во очекување дека вакцините ќе помогнат да се спречи ширењето на корона вирусот, дозволувајќи им на владите да ги олеснат мерките и затворањата кои минатата година доведоа до најголем негативен економски раст во светот по Втората светска војна. Доколку се остварат овие предвидувања, растот од 5,5 проценти би бил најголем од 2010 година, кога глобалната економија закрепнуваше од големата финансиска криза.

Имплементацијата на програмата за вакцинација против корона вирусот можеби полека го најавува почетокот на крајот на оваа страшна пандемија која уништи голем дел од физичкото и економското здравје во светски рамки. Сепак, иако се гледа светлото на крајот од тунелот, повеќе од јасно е дека економиите не треба да се потпрат единствено на вакцинирањето. На економиите во светот им треба владина помош за да ја надоместат штетата предизвикана од пандемијата. Оваа година се соочуваме со еден нов проблем − мутациите на корона вирусот кои повторно можат да го загрозат економскиот раст.

Оттаму е повеќе од јасно дека времетраењето на глобалното закрепнување ќе зависи од победникот во трката меѓу вакцините и новите мутации на вирусот. Доколку програмите за вакцинација не се распоредат доволно брзо за да се намалат стапките на ширење или ако се дозволи неконтролирано формирање на нови мутации, потрошувачката на луѓето и довербата на инвеститорите повторно ќе бидат погодени. Не би сакал да давам особени претпоставки затоа што во овие времиња предвидувањата се многу тешки, но мое мислење е дека со забрзување на програмите за вакцинација ќе „го претекнеме вирусот“ и кон крајот на 2021 година економијата ќе се врати близу своите нивоа од пред пандемијата.


(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО