Економија

Нобеловци по економија за 2021 година: Користење на природни експерименти за испитување на каузалните врски во економијата

Владимир Филиповски

Нобеловата награда по економија за 2021 година им е доделена на тројца американски економисти: Дејвид Кард (David Card) од Универзитетот на Калифорнија, во Беркли, САД; Џошуа Енгрист (Joshua Angrist) од Институтот за технологија на Масачусетс, во Кембриџ, САД и Гвидо Имбенс (Guido Imbens) од Универзитетот Стенфорд, во Стенфорд, САД.

Според објавата на Кралската шведска академија на науките, Дејвид Кард ја добива половината од Нобеловата награда за „неговите емпириски придонеси во економијата на трудот“ (for his empirical contributions to labour economics), додека втората половина од наградата ја делат (по една четвртина) Џошуа Енгрист и Гвидо Имбенс за „нивните методолошки придонеси во анализата на каузалните односи“ („for their methodological contributions to the analysis of causal relationships“).
Истражувањата во економската наука настојуваат да ги откријат причинско-последичните врски меѓу појавите. Успехот во откривањето на тие каузални односи овозможува да се предвидуваат последиците од одредени економски одлуки на поединците, на фирмите, на државата. Придонесот на нобеловците по економија за 2021 година е во иновирање на научно-методолошкиот пристап при истражувањето на причинско-последичните врски во економијата преку употребата на т.н. „природни експерименти“ во истражувањето на некои од клучните економски прашања и проблеми.

Во тој контекст, нобеловецот Дејвид Кард ја истражувал врската меѓу минималната наемнина и вработеноста. Во почетокот на 90-тите години на минатиот век, преовладувачката „мудрост“ во економската наука по ова прашање била дека порастот на минималната наемнина доведува до намалување на вработеноста со образложение дека повисока минимална наемнина доведува до пораст на трошоците на трудот, па фирмите вработуваат помалку работници. Во својот труд од 1994 год., Дејвид Кард и неговиот коавтор Алан Кругер го поставуваат своето истражување на база на споредба на ефектите од промената на минималната наемнина во две соседни сојузни држави на САД: Њу Џерси и Пенсилванија. Имено, во 1992 година, Њу Џерси носи закон со кој минималната наемнина се зголемува од 4,25 долари на 5,05 долари, додека соседната Пенсилванија не ја менува минималната наемнина. Кард и Кругер го истражуваат ефектот на порастот на минималната наемнина преку третирање на случајот на Пенсилванија како слика на она што би се случило во Њу Џерси под претпоставка Њу Џерси да не ја покачела минималната наемнина. Ова е практично пример за природен експеримент – истражувачите не ги создаваат вештачки, т. е. „лабораторски“ условите во кои се одвива истражуваната појава, туку појавата се истражува онака како што се одвива во „природни“ услови, услови кои се создадени во реалното економско окружување. Инаку, резултатот од истражувањето на Кард и на Кругер бил спротивен во однос на етаблираната „вистина“ – покачувањето на минималната наемнина не предизвикало намалување на вработеноста во рестораните за брза храна во Њу Џерси (туку можеби предизвикало и извесно зголемување).

Уште еден пример за примената на „природниот експеримент“ во анализата на пазарот на трудот е истражувањето на нобеловецот Кард на ефектите од имиграцијата врз пазарот на трудот. Имено, во април 1980 година се случува уникатен настан кога кубанскиот лидер Фидел Кастро одлучува да им дозволи на Кубанците кои сакаат да емигрираат да ја напуштат земјата. Оваа одлука предизвикува еднократен бран на емиграција при што во период од пет месеци 125 000 Кубанци емигрираат и се населуваат во најголем дел во градот Мајами. Нобеловецот Кард ги анализира промените во надниците и вработеноста кои настануваат во тој период во Мајами, како град со висок прилив на имигранти, и прави споредба со четири други градови во кои не се случил таков прилив на имигранти. Резултатите од истражувањето покажале дека во Мајами надниците не се намалиле и невработеноста не се зголемила, во споредба со другите четири градови. Исто така резултатите покажале дека приливот на имигранти во Мајами немал некои забележливи негативни ефекти врз жителите на градот со релативно ниско ниво на образование, дека дури имал позитивни ефекти врз доходите на разни групи од населението кои биле родени во САД, а дека единствен негативен ефект бил врз имигратите кои се доселиле порано. Едно објаснување за ваквите резултати било дека постојните жители на градот се насочуваат кон работни места кај кои е од посебна важност доброто владеење со јазикот, што значи дека таму не е присутна конкуренцијата од имигрантите.

Дејвид Кард го испитува и влијанието на ресурсите кои се инвестираат во училиштата врз успехот на учениците подоцна кога ќе се вклучат на пазарот на трудот. И во ваквата анализа Кард го применува пристапот преку природни експерименти. Имено, тој заедно со Алан Кругер го испитуваат успехот на пазарот на трудот на жителите на Калифорнија, но кои пораснале и своето школување го имале во други сојузни држави – во конкретниот пример, во Алабама и во Ајова. При ваков методолошки пристап, разликите во успехот на пазарот на трудот можат да се припишат на разликите во обемот на јавните инвестиции во училиштата во Алабама и во Ајова. Резултатите на анализите на Кард и на Кругер покажале дека јавните инвестиции во училишниот систем имаат позитивен ефект во форма на повисоки приноси од образование остварени од оние лица кои доаѓаат од средини каде што густината на наставници е поголема.

Нобеловецот Џошуа Ангрист исто така дава значаен придонес во врска со користењето на природните експерименти во емпириските економски истражувања. Имено, едно од важните прашања за кои се вршени бројни емпириски анализи е поврзаноста на нивото на стекнато образование и доходот кој го заработуваат луѓето. Заклучокот кој наоѓа широка поткрепа во емпириските истражувања е дека повеќе образование, односно повеќе години образование се поврзани, односно се високо корелирани со повисок заработен доход. Истражувањата на нобеловецот Ангрист (во коавторство со Алан Кругер) покажале дека луѓето со 12 години школување заработувале 12 % повисок доход од луѓето со 11 години образование, а луѓето со 16 години школување заработувале 65 % повисок доход од луѓето со 11 години школување. Но, овде се поставува прашањето: Дали дополнителна година образование е причина за пораст за одреден процент на заработениот доход? Имено, луѓето со повеќе години образование се можеби повеќе талентирани и за студирање и за работа, па затоа е поверојатно тие да го продолжат образованието, но и да остваруваат повисоки доходи дури и ако не сторат тоа. Исто така, можеби образованието го продолжуваат само оние кои очекуваат дека продолженото образование ќе им се исплати и ќе им донес повисоки доходи.

Ангрист и Кругер користат природен експеримент за да дојдат до одговор за евентуално постоење на каузалност во овој случај. Во САД, децата можат да го напуштат училишното образование на 16 години. А бидејќи сите деца родени во иста календарска година започнуваат со училиште на ист датум, децата кои се родени на почетокот на годината можат да го прекинат натамошното образование порано отколку децата родени при крајот на годината. Ангрист и Кругер ги споредуваат децата родени во првиот квартал од годината и децата родени во четвртиот квартал од годината и доаѓаат до следниов заклучок: луѓето родени во првиот квартал од годината поминуваат пократко време во образование, стекнуваат пониско образование во животот и имаат пониски доходи во споредба со родените во четвртиот квартал од годината. Со оглед дека датумот на раѓање е случаен настан, овде се работи за природен екперимент, па така нобеловецот Ангрист и неговиот соработник Кругер можеле да воспостават и каузална врска меѓу подолгото образование и повисокиот заработен доход.

Испитувањето на постоење на каузална врска меѓу појавите не е едноставна работа било во услови на природни експерименти или експерименти дизајнирани од самите истражувачи. На пример, во САД постоела можноста ученикот по 16-тата година да го прекине натамошното образование. Доколку државата воведе програма на стимулирање на дополнителното школување, имајќи ја предвид позитивната врска меѓу нивото на стекнато образование и нивото на доходот што го остваруваат поединците, тогаш групата која ќе биде вклучена во програмата е т.н. третирана група, а групата која нема да биде вклучена во програмата ќе биде т.н. контролна група. Доколку резултатот од испитувањето е позитивен, т. е. доколку се покаже дека кај третираната група остварените доходи се повисоки во споредба со контролната група, сепак тоа само по себе не значи дека може да се воспостави и каузална врска во смисла дека причината за повисокиот доход е подолго време поминато во процесот на образование. Тоа е така бидејќи можеби во третираната група се оние кои и без интервенцијата би го продолжиле школувањето, а не и оние кои без постоењето на интервенцијата не би го продолжиле образованието – а целта на интервенцијата е да се мотивираат токму овие вториве. Истражувачот, од своја страна, не знае кој поединец учесник во екпериментот каков став има во однос на продолжување на школувањето. Нобеловците Џошуа Ангрист и Гвидо Имбенс даваат важен придонес во воспоставувањето на методолошка рамка со која кај природните експерименти може да се оцени дали се работи за причинско-последична врска. Ангрист и Имбенс воведуваат двофазна истражувачка процедура – во првата фаза се проценува веројатноста за поединците да учествуваат во програмата/третманот, а во втората фаза таква оценка за веројатноста се користи за евалуација на ефектот од конкретната програма. Еден од заклучоците на анализите на Ангрист и Имбенс е дека истражувачките резултати кои покажуваат дека дополнителна година школување носи пораст на доходот од околу 9 % се однесуваат само на оние учесници во екпериментот кои, во отсуство на програмата, би одлучиле да не го продолжат образованието. Методолошките унапредувања на Ангрист и на Имбенс помагаат при емпириските истражувања во економијата да може да се идентификуваат случаите кога постои каузална врска меѓу појавите. Во краткиот осврт на Кралската шведска академија на науките за научната вредност на придонесите на нобеловците Ангрист и Имбенс се вели:
„Рамката развиена од Ангрист и Имбенс е широко прифатена од истражувачите кои работат со опсерационални податоци. Со разјаснувањето на претпоставките кои се потребни за да воспостави каузален сооднос, нивната рамка исто така ја зголеми транспарентноста − и со тоа и кредибилитетот – на емпириските истражувања.“

Придонесот на нобеловците за економија за 2021 год., Дејвид Кард, Џошуа Ангрист и Гвидо Имбенс, претставува комбинација на унапредувања на истражувачката методологија во економијата и нивна примена во емпириската анализа на најактуелните прашања од областа на економијата на трудот. Користењето на природните експерименти во методологијата на економските истражувања значително ја подобрува способноста на економистите да ги идентификуваат каузалните врски во економијата и нив емпириски да ги верификуваат.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано