Економија

Промена за напредок во иднината: Од модерни фабрики во ТИРЗ-зоните кои се, сепак, трудоинтензивни кон умствено-интензивен ИТ-сектор

Неодамна на Вол стрит најчитана информација беше промената на рангот на најголема компанија во светот според пазарната капитализација. Имено, Мајкрософт го надмина Епл, го зазеде првото место и сега вреди околу 2,5 трилиони долари. Ваквиот раст на акциите на Мајкрософт во најголем дел се резултат на клауд платформата Азуре која, всушност, претставува платформа за програмерите. Романскиот стартап UiPath ги руши стереотипите и бариерите за раст на странска компанија во САД. Што значи ова за Република Македонија?

Пред петнаесетина години во нашава земја беше изработена програма за привлекување на странски директни инвестиции. Програмата предвидуваше бројни поволности за странските инвеститори при што фокусот беше на изградба на технолошки развојни индустриски зони (ТИРЗ). Голем број фирми и познати брендови, особено од автомобилската индустрија, вложија и инвестираа во овие развојни зони. Денес постојат 15 технолошки индустриски зони низ целава држава од кои три се во Скопје и по една во Тетово, Кичево, Струга, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Берово, Штип, Кочани, Делчево, Крива Паланка. Во моментов, во ТИРЗ-зоните работат 23 фабрики кои имаат навистина висок извоз од над 1,5 милијарди евра (точен податок официјално објавен не постои). Во овие фабрики работат повеќе од 20 000 вработени, а само би ги издвоиле Дрекслермаер од Кавадарци со над 6 000 вработени и Кромберг и Шуберт во Битола со над 5 000 вработени. Дополнително, постигната е и солидна регионална политика, односно фабрики има речиси во сите поголеми градови во државава.

Се разбира, ваквата политика има голем трошок кој, секако, го плаќаме ние граѓаните. Инвеститорите во ТИРЗ-зоните имаат право на десетгодишно ослободување на корпоративен данок на доход (данок на добивка) и 100 % намалување на персоналниот данок во истиот период. Дополнително, инвеститорите се ослободени од плаќање на данок на додадена вредност за увоз и промет на стоки, како и царински давачки за увоз на опрема и машини и резервни делови. Се разбира, за возврат, најчесто овие компании не смеат да продаваат на домашниот пазар за да не им конкурираат на домашните компании со исто или слично производство (доколку има такви).

Графикон број 1     Извор: Државен завод за статистика

Анализата на резултатите од работењето на овие компании упатува на многу солидни резултати. Имено, во недостаток на официјални податоци за извозно-увозната активност на фирмите од ТИРЗ-зоните правиме анализа на официјалните податоци објавени од страна на Државниот завод за статистика. Како што може да се види на графиконот 1, од нето-извоз на машини и транспортни уреди од речиси една милијарда нето-одливи во 2008 година, во 2020 година остварени се нето-приливи од нешто над 200 милиони евра, што претставува и структурна промена во македонската индустрија. Секако, во оваа статистика влегуваат и фирми кои не се во ТИРЗ-зоните, но сепак учеството на фирмите од развојните зони е високо. Ваквата промена, од голем нето-увозник на машини и транспортни уреди во релативно голем извозник претставува всушност една структурна промена на македонската економија.

Графикон број 2     Извор: Државен завод за статистика

Дополнително, како што може да се види на графиконот со број 2, нето-извозот на хемиски производи (вклучувајќи и катализатори) од околу 300 милиони евра дефицит достигнува нето-суфицит од над 500 милиони евра. Во оваа група на производи, најголемо учество има британската фирма Џонсон Мети која има околу 1 000 вработени во Скопје.

На интернет-страницата на Дирекцијата за технолошки индустриски зони може да се забележи дека голем број на парцели се на продажба во моментов, но и дека има нови фирми кои ќе почнат да инвестираат, да работат и да извезуваат. На продажба има и парцели во Источна и Западна Македонија, што упатува дека регионалниот принцип се запазува.

Сепак, просечните плати кои се исплаќаат во овие технолошки развој зони се пониски од државниот просек. Голем дел од овие фабрики се трудоинтензивни и користат релативно поевтина работна сила во споредба со европските земји. Евтината работна сила е веројатно еден од клучните фактори при носење на одлука за инвестирање во Македонија, иако таквата одлука е комплексна и зависи од многу други елементи. Во моментот, во Дирекцијата се прават напори за привлекување на странски инвестиции кои би исплаќале повисоки плати, но сепак успехот е лимитиран.

Да речеме дека целите кои биле поставени за привлекување на странски инвестиции пред повеќе од една декада се горе-долу остварени. Но, одамна истече времето за размислување на таква стратегија за проектирање на иднината, односно за стратегија за СДИ 2.0. Се јавуваат повеќе дилеми и легитимни прашања. Дали има перспектива ваквата индустрија и дали нашите влади треба да се потпрат исклучиво на привлекување странски директни инвестиции во автомобилската индустрија? Дали во Македонија сè уште има евтина работна сила и, воопшто, работна сила? Дали да продолжиме во трката до дното ? Слични полемики има и во соседна Србија и Албанија. Доколку го погледнеме извештајот за просечните исплатени нето-плати во Република Македонија, ќе забележиме дека просечната исплатена нето-плата во дејноста со број 29 – Производство на моторни возила, приколки и полуприколки каде што се сконцентрирани најголем број од фирмите во ТИРЗ-зоните изнесува 22 400 денари. Истовремено, просечно исплатената нето-плата кај дејноста број 62 – Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изнесува 73 800 денари. Разликата е голема и евидентна, а влијае и врз животниот стандард на вработените (и нивните семејства) и врз бруто-домашниот производ (БДП).

Сè повеќе млади лица во Република Македонија се одлучуваат да студираат еден од техничките факултети, а особено факултетите за компјутерски науки. Според овие технички факултети, дури 90 % од студентите наоѓаат работа пред да дипломираат при што просечните плати за почетно ниво се повисоки од просечната плата во земјава.

Графикон број 3     Извор: Државен завод за статистика

Како што може да се види од графиконот 3, нето-приливите од телекомуникациски, компјутерски и информациски услуги бележат континуиран пораст во изминативе десет години, достигнувајќи 160 милиони евра во 2020 година.
Дополнително, доколку ги издвоиме само компјутерските услуги, забележуваме дека нето-извозот во 2020 година достигнал 150 милиони евра. Тоа е приближно колку нето-извозот на автомобилската индустрија во 2020 година. Повисоките плати за повеќе од 300 % го прави овој сектор навистина атрактивен и перспективен. Бројот на вработени во секторот телекомуникации, компјутерски услуги и информации во 2021 година надмина 20 000, што упатува на очекуван поголем извоз во следните години. Притоа оваа бројка реално е веројатно многу поголема со оглед на високата застапеност на работа во форма на фриленсери (индивидуален договор) или пак дополнителна работа на лица кои веќе се формално вработени во други компании. Покрај зголемен број на вработени, оваа дејност носи и солидни девизни приливи кои се неопходни за макроекономска стабилност.

Ваквата анализа упатува на јасни насоки за идните економски политики кои треба да се креираат во Република Македонија. Поддршка неопходно е да добијат малите модерни ИТ-фирми кои вработуваат млада работна сила и исплаќаат високи плати. Ваквата стратегија ќе обезбеди висок раст на просечната исплатена плата во државава и позначајно приближување кон европските нивоа. Даночни ослободувања, но и други конкретни мерки (обезбедување земјиште, деловен простор и слично) се потребни за поголем раст на оваа индустрија. Мерките кои романската влада ги презеде изминативе пет години се пример за успешна реформа во ИТ-индустријата.

Графикон број 4     Извор: Државен завод за статистика

Дополнително, неопходно е образовниот систем во Република Македонија повеќе да се насочи кон потребите на ваквите ИТ-фирми за да можат да програмираат и да креираат решенија за реалниот сектор. Ова треба да се реализира и во формалното образование, но и неформалното (тренинг курсеви и обуки). Во моментов Министерството за образование спроведува реформи за кои нема консензус во јавноста и меѓу експертите наместо да ја проектира иднината и идните потреби за работна сила и вештини. Неопходна е образовна стратегија која ќе ги подобри програмите, наставниците ќе ги направи позадоволни и секако ќе произведе квалитетни работници.

Последно, потребни се значајни измени во нашата законска регулатива (Закон за работни односи, Закон за задолжително социјално осигурување) и модернизација на нашиот банкарски и финансиски систем преку кои ќе се овозможат флексибилни форми на вработување со што ќе дојде до формализација на работата на фриленсерите, а ќе се обезбеди и нивна социјална сигурност (пензиско и здравствено осигурување). Законодавството мора да ја следи реалноста, инаку фриленсерите (најчесто млади лица) ќе се водат сè уште како невработени, немаат пристап до социјално осигурување, државава губи приходи во форма на данок на личен доход итн.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано