Економија

Поповски: Какви облаци ќе има во 2022 г.?

Љупчо Поповски

Светска економија

Најголемиот број од економистите се согласуваат дека две работи ќе бидат клучни во 2022 г. – прашањето на инфлацијата и политиката и глобалната трговија. Во 2021 година инфлацијата стана глобално страшило. Главното прашање за централните банки е инфлацијата да не добие спирален тек.


Неколку години наназад во „Економија и бизнис“ ги претставуваме погледите на влијателни светски економисти или банкари за тоа како би можела да изгледа светската економија во годината што почнува. Некои од тие предвидувања се остварија, некои не. Тоа беше особено важно за 2020 година кога економистите предвидуваа силен ритам на светската економија (заедно со опасностите) за во март да дојдат заклучувањата на државите низ целиот свет поради корона вирусот. Ништо од тие предвидувања не се оствари.
Изминатава 2021 година беше година на опоравување, кога економиите мораа да работат без оглед на епидемијата од првичниот корона вирус од Вухан, потоа алфа од Британија, па смртоносната варијанта делта, па сега омикрон, најбрзо ширечкиот вирус во историјата на човештвото. Навистина, 2021 година претставуваше закрепнување на светската економија и на поединечните економии. На некои тоа им одеше многу добро (како на САД), на некои, како посиромашните и слабо организираните – полошо. Тие имаа одреден раст, но тоа не можеше да ја надомести контракцијата од 2020 година во која владите мораа да се задолжуваат со илјадници милијарди долари за да ги одржат пренапрегнатите здравствени системи или економијата да ја има неопходната минимална „работна температура“.
Што би можело да се очекува во годината која штотуку започна?
Најголемиот број од економистите се согласуваат дека две работи ќе бидат клучни во 2022 г. – прашањето на инфлацијата и политиката и глобалната трговија.

ИНФЛАЦИЈА
Во 2021 г. инфлацијата стана глобално страшило. Економистите се едногласни – до неа дојде како резултат на обновувањето на глобалната економска активност и тесните грла во глобалниот синџир на снабдување. Имаше многу дебата за тоа дали оваа инфлација ќе се покаже привремена, а централните банки беа под притисок да се осигураат дека таа нема да стане спирална.
Професорт по економија и финансии од Универзитетот на Хадерсфилд, Велика Британија, Мухамед али Ансир (познат макроекономист), вака објаснува што може да се случува во 2022 г. во врска со инфлацијата:
„Досега Европската централна банка, Федералните резерви и Банката на Јапонија се воздржуваа од зголемување на каматните стапки од нивните многу ниски нивоа. Банката на Англија, од друга страна, го следеше советот на ММФ и ги зголеми стапките од 0,1 % на 0,25 % во декември. Ова е премалку за да се ограничи инфлацијата или да се направи какво било добро, освен да се зголемат трошоците за задолжување на фирмите и да се зголемат плаќањата за хипотеки на домаќинствата. Пазарите се обложуваат дека ќе следуваат уште покачувања на стапките во Британија и дека ФЕД исто така ќе почне да ги зголемува стапките на пролет.
Сепак, поважното прашање во врска со инфлацијата е што се случува со квантитативното олеснување (QE). Ова е политика на зголемување на понудата на пари поради која големите централни банки купуваа околу 25 билиони американски долари државни обврзници и други финансиски средства во последниве години, вклучително и околу 9 билиони американски долари поради ковид.
И ФЕД и ЕЦБ сè уште работат со QE и додаваат средства во нивните биланси секој месец. Банката на федерални резерви во моментов ја намалува стапката на овие купувања со цел да ги запре во март, откако неодамна објави дека крајниот датум ќе биде во јуни. ЕЦБ, исто така, рече дека ќе го намали QE, но засега е посветена да продолжи.


Иако светот ја започна годината со брзото ширење на омикрон, сепак се очекува глобалната економија да порасне за околу 4 %.


Се разбира, вистинското прашање е што прават овие централни банки во пракса. Завршувањето на QE и зголемувањето на каматните стапки несомнено ќе го попречат закрепнувањето − прогнозата на Центарот за истражување на економијата и бизнисот од Лондон (ЦЕБР), на пример, претпоставува дека пазарите на обврзници, на акции и на имот ќе паднат за 10 % до 25 % во 2022 година.“

Многу економисти го споменуваат овој извештај на ЦЕБР објавен на 31 декември 2021 година како некоја водилка што треба да се очекува во 2022 година. Во тој извештај пишува дека во 2022 година ќе доминира борбата против инфлацијата заедно со климатските промени, додека глобалниот економски раст ќе биде разумно силен, а берзите слаби.
Иако светот ја започна годината со брзото ширење на омикрон, сепак се очекува глобалната економија да порасне за околу 4 % во споредба со проценетите 5,1 % во 2021 година. Најголемиот проблем со кој се соочуваат креаторите на политиката во светот, особено во САД и Обединетото Кралство, најверојатно ќе биде инфлацијата, вели тинк-тенкот. Банката на Англија неочекувано ги подигна каматните стапки во декември по порастот на инфлацијата со највисока вредност од 5,1 % во последната деценија и сигнализираше дека ќе следуваат уште зголемувања на стапките во 2022 година поради зголемените трошоци за енергија.
Федералните резерви на САД ќе направат три зголемувања на каматните стапки оваа година и ќе ја забрзаат стапката со која ги намалуваат трошоците за државните обврзници наспроти „алармантно високата инфлација“. ЦЕБР вели дека инфлацијата може да скокне над 6 % во Британија и на повеќе од 7% во САД каде што достигна највисоко ниво во последните 39 години од 6,8 % во ноември.
И покрај тоа што платите исто така ќе се зголемат во услови на затегнат пазар на труд со намалување на невработеноста и зголемен број на слободни работни места, зголемената инфлација ќе доведе до стискање на трошоците за живот.
Додека 2021 година беше година кога грижите за животната средина станаа мејнстрим и бизнис-секторот зазеде поагресивен став од владите, 2022 година ќе биде година „каде што политиката ќе ги промени ветувањата, а технологијата е сè уште во раните фази“, соопшти ЦЕБР.

ГЛОБАЛНА ТРГОВИЈА
Трговската војна меѓу САД и Кина се чини дека ќе продолжи во 2022 година. Со договорот „фаза 1“ меѓу двете земји, Кина се согласи да го зголеми купувањето на одредени американски стоки и услуги за вкупно 200 милијарди американски долари во текот на 2020 година, а во 2021 година ја пропушти својата цел за околу 40 %.
Договорот сега е истечен, а големото прашање за меѓународната трговија во 2022 година е дали ќе има нов договор „фаза 2“. Без оглед што Доналд Трамп ја напушти Белата куќа пред една година, американската политика спрема Кина во времето на Џо Бајден остана трампистичка. Вашингтон не сака да ѝ понуди отстапки на Кина можеби затоа што во американските администрации подолго време се врти една мантра дека втората по големина економија во светот ќе има тежок економски пад, но тоа никако да се случи.
И во Кина не е сѐ економски ни приближно идеално. Наследените проблеми сега почнаа да се спојуваат. Дали тие проблеми ќе се спојат со неволјите што ги носи омикрон со промената на стратегијата на многу моќни европски компании поради проблемите во синџирите за снабдување важен дел од производствените капацитети да ги префрлат на стариот континент, и сето тоа ќе предизвика совршена бура – засега уште не е јасно.
За македонската јавност не изгледаат важни проблемите на големата кинеска компанија за недвижности „Евергранде“, но нејзиниот случај може да има глобален импакт. Тоа е втора најголема компанија за недвижности во Кина, нејзините имоти се проценуваат на 306 билиони долари. Во 2021 година, „Евергранде“ западна во огромна должничка криза која стана жежок костен за кинеската влада. Пекинг бара начин да се справи со неуспехот на компанијата и да спречи нејзините проблеми да ја заразат целата економија. Приказната на „Евергранде“ беше слична како и на други во секторот – таа се прошири кога Пекинг ја олабави политиката и наиде на проблеми кога властите презедоа чекори за справување со прегревањето на економијата. Како што економијата се залади така се засили националистичката реторика на претседателот Ши Џинпинг, особено кон Тајван. Економијата и геополитиката се закануваат да се судрат во 2022 година.

ШТО ВЕЛИ НУРИЕЛ РУБИНИ?
Предвидувањата на професорот по економија на Универзитетот во Њујорк, Нуриел Рубини, секогаш се следеле со особена внимателност. На крајот од 2021 година, тој ги нацрта облаците што ќе се надвиснат во 2022 година. Еве што вели Рубини:

„И покрај падовите и нарушувањата од новите варијанти на ковид-19, 2021 година се покажа како релативно позитивна година за економиите и пазарите во повеќето делови на светот. Растот се искачи над својот потенцијал по тешката рецесија во 2020 година, а финансиските пазари силно закрепнаа. Ова беше особено случај во Соединетите Држави, каде што берзите достигнаа нови највисоки нивоа, делумно благодарение на ултралабавата монетарна политика на Федералните резерви на САД (иако централните банки во другите напредни економии водеа сопствени радикално приспособливи политики).

Но, 2022 година може да биде потешка. Пандемијата не е завршена. Омикрон можеби не е толку вирулентен како претходните варијанти − особено во високовакцинирани напредни економии − но е многу позаразен, што значи дека хоспитализирањата и смртните случаи ќе останат високи. Резултирачката несигурност и одбивност кон ризик ќе ја потиснат побарувачката и ќе ги влошат тесните грла во синџирот на снабдување.
Заедно со претераното штедење, затворената побарувачка и лабавата монетарна и фискална политика, тие тесни грла ја поттикнаа инфлацијата во 2021 година. Многу од централните банкари кои инсистираа дека инфлацискиот бран е минлив сега признаа дека тој ќе продолжи. Со различен степен на итност, тие планираат постепено да ги укинат неконвенционалните монетарни политики, како што е квантитативното олеснување, за да можат да почнат да ги нормализираат каматните стапки...
Следната година носи и зголемени геополитички и системски ризици. На геополитичкиот фронт треба да се следат три главни закани.
Прво, Русија се подготвува за инвазија на Украина и останува да се види дали преговорите за нов регионален безбедносен режим можат да спречат ескалација на заканата. Иако американскиот претседател Џо Бајден вети поголема воена помош за Украина и се закани со поостри санкции против Русија, тој исто така јасно стави до знаење дека САД нема директно да интервенираат за да ја одбранат Украина од напад. Но, руската економија стана поотпорна на санкции отколку во минатото, па таквите закани можеби нема да го одвратат рускиот претседател Владимир Путин. На крајот на краиштата, некои западни санкции − како што е потегот за блокирање на гасоводот „Северен тек 2“ − може дури и да го влошат недостигот на енергија во Европа.


Кинеско-американската студена војна станува сѐ постудена


Второ, Кинеско-американската студена војна станува сѐ постудена. Кина го зголемува својот воен притисок врз Тајван и во Јужното Кинеско Море (каде што се водат многу територијални спорови) и поширокото раздвојување меѓу кинеската и американската економија се забрзува. Овој развој ќе има стагфлаторни последици со текот на времето.
Трето, Иран сега е на прагот да стане нуклеарна држава. Брзо збогатуваше ураниум до степен речиси на оружје, а преговорите за нов или обновен нуклеарен договор не стигнаа никаде. Како резултат на тоа, Израел отворено размислува за напади врз иранските нуклеарни постројки. Доколку тоа се случи, стагфлаторните последици веројатно би биле полоши од геополитичките шокови поврзани со нафтата од 1973 и 1979 година.
Новата година носи и неколку системски грижи. Во 2021 година, топлотните бранови, пожарите, сушите, ураганите, поплавите, тајфуните и другите катастрофи ги открија последиците од климатските промени во реалниот свет. Климатскиот самит ЦОП26 во Глазгов понуди главно евтини разговори, оставајќи го светот на вистинскиот пат да претрпи катастрофални 3 Целзиусови степени на затоплување овој век. Сушите веќе предизвикуваат опасен скок на цените на храната, а ефектите од климатските промени ќе продолжат да се влошуваат.
Да бидат работите уште полоши, агресивниот притисок за да се декарбонизира економијата води до недоволно инвестирање во капацитетот за фосилни горива пред да има доволно снабдување со обновлива енергија. Оваа динамика ќе генерира многу повисоки цени на енергијата со текот на времето. Покрај тоа, климатските бегалски текови кон САД, Европа и другите напредни економии ќе се зголемат токму кога тие земји ги затвораат своите граници.“
Така предвидува Нуриел Рубини. Други велат дека климатските финансии ќе бидат следниот меур. Илјадници милијарди долари треба да бидат дел од зеленото финансирање за еколошки, социјални и владини задолжувања. Има интелектуален консензус дека мора да се направи сѐ да се забават климатските промени. Но, дали парите предвидени за вложувања ќе постигнат мали резултати (или недоволни за да се спречи прегревањето на економиите), па целиот концепт на иднината да се претвори во своевидна катастрофа, особено за сиромашните? За зелената транзиција се потребни многу пари. Богатите можеби ќе ги најдат, но за сиромашните ќе биде речиси невозможно.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано