Економија
Влијанието на BALTIC DRY INDEX-от во светската економија
07.04.2022г.
Се чини дека изјавата “пандемијата ги помести сите поставени економски постулати” е најшироко распространета фолискула, со која започнува секој муабет со стопанствениците. И лугето се во право! Бизнисите мака мачат адекватно да одговорат на сите предизвици поврзани со промена на цени(на промена се мисли на зголемување), пролонгирање на роковите за достава, недостиг на материјали и суровини, зголемени трошоци за вработени и сл. Сепак, не се бизнисите тие кои се последната алка од синџирот. На крај, потрошувачите се тие кои ќе ја платат разликата во цената на чинење и токму затоа од круцијално значење, како за стопанствениците, така и за потрошувачите е да бидат информирани за движењето не цената на суровините на светските берзи и таквите податоци адекватно да ги вкалкулираат во своите инвестициски одлуки.
Пример, голем број од луѓето кои сега инвестираат во недвижност се најдоа затекнати од брзиот раст на цената на становите. Порастот на цената во голема мера е детерминиран од цената на градежните материјали (пред се на железото) и доколку имале информација за истото ќе можеле навремено да ја имплементираат во рамките на својот буџет. Исто така, голем број на бизниси кои се занимавааат со трговија беа погодени од прекуокеанските транспортни трошоци од причина што веќе имаат потпишано договори за достава на разни производи по цена која ја фиксирале во периодот пред да настапи поскапувањето на транспортот. И во двата случаи клучен елемент се транспортните трошоци.
Горенаведените причини се само една мала основа преку која се наметнала потребата од воведување на индекс кој ќе ја следи испораката и трговијата, а преку нив и трошоците за транспорт на различни суровини како јаглен и челик. Таквиот индекс е со назив Baltic Dry Index (BDI) и е со седиште во Лондон, а се објавува на дневна основа. Почетоците на овој индекс датираат уште од 1774 година кога голем број на бизнисмени и транспортери кои оперирале во Балтичкото море започнале да се состануваат во кафетерија во Лондон со цел да разменат информации, да склучат договори за соработка, како и да ја направат потребанта размена на стоки. Овој индекс претставува водечки индикатор за глобалната економска активност и неговата промена ја одразува промената на побарувачката и понудата за најбитните материјали во производството, што понатаму се одразува на се останато. Треба да се напомене дека овој индекс ја претставува промената во трошоците, а не самите трошоци. Преку овој индекс се претставува просечната цена што се плаќа за транспорт на сурови материјали на преку повеќе од 20 рути, а неговата волатилност низ историјата значително се одрази врз цените на крајните продукти. Доколку се следи трендот на индексот, тој во голема мера ги предвиде кризата во 2008 година, кога имаше драматичен пад на цените, а истото може да се забележи и во периодот пред пандемијата, од септември 2019 до јануари 2020 година. Падот на индексот беше индикација за економските контракции кои следеа.
Извор: www. tradingeconomics.com
Од трендот погоре на сликата може да се забележи дека индексot својот пик го достигнал во 2021 година, додека почетокот на оваа година беше проследена со голем пад, за повторно да почне да се зголемува. Она што сигурно е јасно е дека многу мала е веројатноста ценовно повторно да се вратиме на нивото од пред пандемијата. И тука е најголемата недоумица. Ако се прати трендот на индексот, на почетокот на оваа година тој е на нивото како во 2018 година, но цените сепак не го следат тој тренд. Зошто е тоа така?
Постојат најмалку две објаснувања:
- 1. Првата теорија е дека економските принципи на понуда и побарувачка во голема мера се пресликани врз индексот на цени. Ова произлегува од таму што скоро сите бизниси нарачуваат суровини и производи во што поголема мера, плашејќи се од дополнителни зголемувања на цените. Ваквиот тренд на зголемена побарувачка за транспорт само уште повеќе ќе ја зголемува неговата цена. Од друга страна, компаниите за поморски транспорт ја апсорбираат ваквата побарувачка и немаат намера да ги корегираат цените, а она што дополнително ќе се одрази на цената е отсуството на фиксирана цена за 2022 година. Обично големите транспортери една година унапред ја фиксираат цената, а оваа година таквиот принцип на работа изостана.
- 2. Втората теорија е дека во поморскиот транспорт изостанува државна регулација. Борбата на владите за справување со се повисоките цени, а со тоа и со високото ниво на инфлација и се понискиот стандард на луѓето, ќе мора да интервенираат на пазарот со поморскиот транспорт. Нивното отсуство во овој дел, во голема мера беше поради ниската конкуренција и големата географска дисперзија, но се очекува дека до крајот на годината ќе видиме значително зголемување на државната регулација, со цел стабилизирање на цените.
На крајот, заклучокот е дека транспортната индустрија во голема мера ги детерминира цените на скоро сите суровини и производи и мора да се посвети многу поголемо внимание во иднина. Од друга страна, пандемијата на голема врата ги навести промените кои ќе следат во оваа индустрија, а исто така нашироко ги отвори вратите за потенцијална пенетрација на нови компании и инвестиции во бизнисот со логистика.
(Редакција Економија и бизнис)