Економија
Петревски: Што можат економистите да кажат за пандемијата?
Горан Петревски
Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Заедничка карактеристика на свештениците, на лекарите и на академските економисти е тоа што за нив секогаш има работа. И ќе има сè до крајот на светот. Притоа, за разлика од останатите истражувачи кои се осудени да работат во тесни области, на економистите им стојат на располагање сите можни теми. Оттука во економските списанија можат да се сретнат трудови на следниве теми: расна дискриминација, загадување на животната средина и климатските промени, болните од СИДА, недоволната исхранетост на децата, проституцијата, самохраните мајки, среќата, вампирите, молитвите итн. Без сомнение, тоа произлегува оттаму што речиси секоја природна и човека активност, на еден или друг начин, има некакви економски последици.
Се разбира, сето тоа важи и за најзначајниот настан во 21 век – пандемијата на ковид-19 која предизвика големо нарушување на економските активности. Оттука економистите никако не можеа да ја игнорираат пандемијата, туку ги засукаа ракавите и исфрлија бројни истражувања на таа тема. На пример, само на интернет-страницата на Националното биро за економски истражувања (НБЕР) се наведени над 530 трудови, додека Институтот за економија на трудот (ИЗА) има објавено околу 350 трудови поврзани со пандемијата. Во тие рамки, истражувањата на економистите покриваат различни прашања како: ширењето на пандемијата, политиката на социјална оддалеченост, макроекономските ефекти на пандемијата, ефектите врз пазарот на труд, социоекономските последици на пандемијата, влијанието врз финансиските пазари, ефективноста на мерките за борба против рецесијата итн.
Повеќе организации и институции редовно собираат податоци за ширењето на пандемијата – бројот на новите заразени, вкупниот број заболени, бројот на умрените итн. Економистите, пак, настојуваат да откријат колку се веродостојни овие податоци, а одговорот е предвидлив: не многу. На пример, едно истражување заклучува дека во раната фаза на пандемијата, дури 80 % од заболените со ковид-19 воопшто не биле дијагностицирани. Подоцна прецизноста во мерењето на ширењето на пандемијата се зголеми, но останува фактот дека во многу земји, поради бројни причини (од недоволниот капацитет на здравствените системи до културните фактори) голем број од заболените воопшто не се евидентирани. Понатаму, економистите истражуваат кои фактори се пресудни во намалувањето на ширењето на заразата. Така, едно истражување покажува дека локалните заклучувања (lockdowns), а не ограничувањето на патувањето, биле пресудни за намалување на ширењето на ковид-19 во околината на Вухан. Друго истражување прави споредба на ширењето на заразата во Италија, Франција и Британија: ширењето на заразата во Италија се објаснува со тоа што населението е распределено во повеќе кластери кои се меѓусебно поврзани; во Британија, пак, мобилноста на населението е концентрирана околу големите метрополи кои не се поврзани со провинцијата, што го намалува ширењето на вирусот.
Во однос на детерминантите и ефективноста на политиката на социјална оддалеченост (social distancing), бројните истражувања покажуваат дека построги мерки се применуваат во земјите кои се одликуваат со: поголема густина на населението, повисоко учество на постарото население, поголем процент на вработени во загрозените, ранливи занимања, поголем обем на меѓународни патувања и повисок степен на демократска слобода, како и земјите кои се поодалечени од Екваторот. Меѓутоа, политиката на социјална оддалеченост е поврзана и со некои политички фактори: на пример, американските држави со поголем број гласачи за Доналд Трамп спроведувале полабави мерки; исто така приврзаниците на Демократската и Републиканската партија имаат различна перцепција за ширењето на вирусот и различни ставови за важноста на мерките за социјална оддалеченост.
Во продолжение, бројни истражувања настојуваат да откријат зошто луѓето (не) се придржуваат кон мерките за социјална оддалеченост. Одговорот на ова прашање зависи од повеќе фактори како: висината на доходот на луѓето, нивото на општествена доверба и социјален капитал, степенот на јавно објавување информации, изложеноста на медиумите и етничката припадност. Така, истражувањата покажуваат дека помалку се придржуваат кон рестриктивните мерки следниве категории: работниците кои немаат можност да работат од дома, посиромашните луѓе, доселениците и малцинствата, како и мажите. Интересно, анкетите покажуваат дека повеќе се придржуваат до ограничувањата луѓето кои имаат повисока доверба во медиумите отколку во науката, медицината и владата. Исто така подисциплинирани се луѓето во земјите кои се одликуваат со повисока општествена доверба и граѓанска култура. Најпосле, економистите истражуваат дали мерките за социјална оддалеченост даваат резултати во намалувањето на бројот на заболените и на умрените. Притоа тие заклучуваат дека останувањето дома има силен ефект врз ширењето на заразата, додека органичувањата на рестораните и другите несуштински бизниси имаат умерен ефект. Всушност, за да се спречи заразата е потребна комбинација на повеќе мерки: изолација на заболените, домашен карантин и социјална оддалеченост на луѓето со висок ризик.
Социоекономските последици од пандемијата
Пандемијата предизвикува економски последици низ три основни канали: директен (намалувањето на потрошувачката поради рестриктивните мерки и зголемениот песимизам), индиректен преку финансиските пазари (намалувањето на богатството и зголемувањето на штедењето) и нарушувањата на страната на понудата (затворањето на фирмите, отпуштањето на работниците и намалувањето на новите вработувања). Мерењето на макроекономските ефекти на пандемијата е отежнато поради две причини: прво, таа не е завршена и второ, ваквите настани се ретки, т. е. нема доволно расположливи податоци за спроведување на статистички истражувања. Оттука процената на макроекономските ефекти најчесто се прави со симулации чии основни заклучоци се следниве: пандемијата предизвика зголемување на потрошувачката на храна и слични суштински производи, но намалување на вкупната потрошувачка; таа ќе предизвика долгорочно намалување на природната каматна стапка; рестриктивните мерки (заклучувањата), а не самата зараза предизвикуваат намалување на потрошувачката и на вработеноста, како и зголемување на економската неизвесност; во Европа и во Централна Азија, мерките на социјалната оддалеченост предизвикале намалување на економската активност за 10 % во 2020 година; во САД, вкупните трошоци на заклучувањето во траење од една година би достигнале седум илјади милијарди долари.
Меѓутоа, економистите ги истражуваат и пошироките социоекономски последици од пандемијата. Истражувањата покажуваат дека рестриктивните мерки (заклучувањата и социјалната оддалеченост) имаат негативни ефекти врз пазарите на труд, врз менталното здравје и благосостојбата, врз расната и половата нееднаквост, додека ефектите врз животната средина се позитивни. Во однос на пазарот на труд, рестриктивните мерки уште повеќе ја зголемија невработеноста предизвикана од самото ширење на заразата; притоа ефектите се поголеми врз работниците со пониско образование, работниците кои не можат да работат од дома, помладите генерации и жените (особено мајките); освен тоа, постојат стравувања дека рестриктивните мерки ќе имаат и долгорочни последици – обесхрабрување на невработените (особено постарите луѓе и жените) да бараат работа. Некои истражувања одат подалеку и покажуваат дека пандемијата предизвика негативни социополитички ефекти: намалување на меѓучовечката доверба и довербата во политичките институции, намалување на поддршката на ЕУ, опаѓање на поддршката на социјалното осигурување и намалување на довербата во здравствениот систем.
Бројни истражувања ги покажуваат негативните ефекти врз менталното здравје предизвикани од секојдневната изложеност на информациите за болните и умрените, од неизвесноста и од намаленото дружење со другите луѓе. Оттука како последица на осаменоста и на депресијата во повеќе земји е забележана зголемена побарувачка на психолошка помош. Во тој поглед, нарушувањето на менталното здравје е особено изразено кај жените и кај луѓето кои веќе биле невработени. Меѓутоа, како што вели поговорката: „Во секое зло има и нешто добро“. Па така, наспроти сите негативни последици, пандемијата предизвика и позитивни ефекти изразени во значително намалување на загадувањето на воздухот. На пример, истражувањата покажуваат дека рестриктивните мерки предизвикале намалување на концентрацијата на ПМ-честичките за 22 % во Кина и за 25 % во САД.
Најпосле, постојат бројни истражувања на ефективноста на мерките кои ги презедоа државите за време на пандемијата. Едно истражување покажува дека поголеми мерки за стимулирање на економијата презеле побогатите земји, како и земјите со поголем број заразени и со постаро население, додека земјите со подобар јавен здравствен систем и со подобро управување се одлучиле за полабави мерки. Притоа двете најчести мерки биле затворање на границите (186 земји) и на училиштата (169 земји) при што втората мерка се одликува со најниски економски трошоци. Големо внимание предизвика и прашањето за оптималниот начин на тестирање на населението. Во таа смисла, познато е залагањето на Пол Ромер за сеопфатно тестирање и изолирање на позитивните како ефективен начин за намалување на бројот на заразените и умрените и за побрзо отворање на економијата. Понатаму, истражувањата покажуваат дека органичувањето на мобилноста го намалува бројот на умрените, но само до определена граница, а натамошните ограничувања имаат мали ефекти.
Во однос на макроекономската политика, повеќето економисти препорачуваат координација на монетарната и фискалната политика за ублажување на рецесијата, односно зголемување на стапката на инфлација заедно со зголемена буџетска потрошувачка. За земјите со развиен финансиски систем се препорачува и стимулативна кредитна политика. Меѓутоа, некои истражувања покажуваат дека стимулативните фискални мерки применети во САД имале ограничени ефекти: навистина, тие ја зголемиле потрошувачката, но претежно на трајни потрошни добра така што најмногу профитирале големите фирми, а не малите и средните фирми кои најмногу беа погодени од кризата; од друга страна, програмата за поволни кредити за малите бизниси имале незначително влијание врз порастот на вработеноста. Оттука истражувањата покажуваат дека темпото на опоравување на економијата претежно ќе зависи од обновувањето на довербата на потрошувачите и намалувањето на песимистичките очекувања.
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)