Економија

ТЕЈЛОРОВОТО ПРАВИЛО – теорија и/или пракса?

Во 1993 година професорот Џон Тејлор од универзитот Стенфорд ја креираше едноставната равенка преку која може да се пресметува адекватното ниво на висината на референтната каматната стапка на централните банки. Преку Тејлоровото правило на нумерички начин се поврзува целта на централните банки со актуелната економска состојба на државата.

Равенката со која се прочу Џон Тејлор е следна:

r = p + .5y + .5(p – 2) + 2

каде:

r = референтна каматна стапка

p = стапка на инфлација

y = процентуална девијација на реалниот БДП од потенцијалниот БДП

2 = се однесува на таргетираното ниво на годишна стапка на инфлација

Накратко кажано, според Тејлоровото правило централните банки треба да ја корегираат референтната каматна стапка за половина процентен поен со секое зголемување на инфлацијата од еден процентен поен над таргетираното ниво (2%), како и за секое зголемување на БДП за еден процентен поен над потенцијалниот БДП.

Сето ова вака напишано изгледа доста едноставно доколку живееме во статичка економија. Од самата формула може да се забележи дека во однос на 2 компоненти би можело нашироко да се дискутира. Првата компонента е определувањето на потенцијалниот БДП. Оваа категорија е една од најтешките за реално и точно определување од причина што врз неа влијаат голем број на фактори и варијабли. Со тоа скоро никогаш не би можеле точно да го определиме нејзиниот износ. Втората компонента е таргетираното ниво на инфлација. Во Тејлоровото правило е применето таргетирано ниво од 2%, што за различни економии би можело да биде премногу ниско или премногу високо, а со тоа автоматски таквото ниво ќе треба да биде прилагодено во равенката.  Исто така во формулата не е предвидена ситуација кога, хипотетички, таргетираното ниво на инфлација е негативно.

Од аспект на националната референтна каматна стапка или стапката на благајнички записи, на 12.04.2022 година НБРСМ направи нагорна корекција за 0.25 п.п., со што се достигна ниво од 1.5%. Ваквото нагорно поместување на каматната стапка треба да биде противодговор на високото ниво на инфлација, кое достигна 8.8%(податок од март 2022). Ако одлуката на НБРСМ ја гледаме низ призма на каматните стапки на комерцијалните банки, теоретски гледано ќе треба да има и нагорни поместувања на каматите на кредитите. Иако неколку претставници на менаџментот на најголемите банки во Македонија дадоа свои изјави во кои го наговестија покачувањето на каматите, сепак, во пракса голем дел од банките токму пред објавувањето на одлуката на НБРСМ маркетиншки објавија пониски каматни стапки на потрошувачките кредити, споредено со нивото пред тоа.

Според извештајот на НБРСМ за нивото на каматни стапки со крај на трет квартал за 2022 година движењата се следни:

- Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во февруари 2022 година, оствари месечен и годишен пад од 0,02 п.п. и 0,28 п.п. соодветно

- Во февруари, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити забележа месечно зголемување од 0,10 п.п., а на годишно ниво е намалена за 0,31 п.п

Во една ваква ситуација се поставува прашањето дали комерцијалните банки ќе ја занемарат одлуката на централната банка и ќе делуваат според свои убедувања или навистина ќе реагираат според пазарните услови. Овој момент е доста битен од аспект на пазарно учество од причина што трите најголеми банки сепак се поконзервативни во нивните одлуки за висината на каматните стапки, додека кај помалите банки забележана е надолна корекција на каматите.

* Изворот на податоци се веб страните на банките со основните услови и истите може да се разликуваат од тековните понуди

Од погоре прикажана табела, во која се пресликани индикативните понуди на банките за потрошувачките кредити, може да се забележи дека има високо ниво на усогласеност, во пошироки рамки, и дека финеси одлучуваат при креирањето на висината на каматите. Дали тоа ќе биде доволно да се привлечат клиентите и како одредени банки ќе ги вметнат новите проекции во своите производи останува да видиме.

Генералниот заклучок е дека Тејлоровото правило во голема мера може да биде корисна алатка за пресметување на референтната каматна стапка, но сепак постојат голем број на недостатоци. Од друга страна, рефлектирано на страна на банките, тенденцијата е големите банки да бидат сидрото во брзината на амортизирање на промените во референтните стапки. Од аспект на нашата држава, а користејќи го принципот на “економија од обем”, не треба да стравуваме од аспект на правилно водење на монетарната политика и нејзина апсорбција од банкарскиот сектор. Истата е правилно конструирана, во тек со тековните глобални случувања и заедно со целокупниот банкарски систем е насочена кон задржување на макроекономската и ценовната стабилност.


(Редакција Е&B)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано