Економија

Кои се најголемите 100 компании во С. Македонија во 2021 година според остварените приходи?
Колку вработени имале?
Kолкава добивка оствариле?

Кирко Бошкоски | авторот е економист

Најголемите 100 компании во С. Македонија во 2021 година оствариле вкупни приходи од 10,9 милијарди евра. Притоа оствариле вкупна добивка од 582,3 милиони евра.

Листата од најголемите 10 компании ја сочинуваат компании од автомобилската индустрија, компании за трговија со нафта и нафтени деривати, компании за производство и трговија со електрична енергија, компанија за производство на никел, синџир на супермаркети и една компанија за телекомуникациски услуги.


Врз основа на податоците добиени (купени врз основа на договор за соработка) од Централниот регистар на С Македонија, бизнис-магазинот „Економија и бизнис“ направи анализа/рангирање на најголемите 100 компании во нашава земја според остварените приходи во 2021 г. Покрај остварените приходи ќе ги покажеме и вкупните добивки на овие компании, како и колкав е бројот на вработени во нив.
Според видот на дејноста, околу половина од топ 100-те компании се занимаваат со некаков вид на трговија (на големо и на мало). Oстанатата половина ја сочинуваат компаниите од енергетиката, фармацијата, металургијата, компаниите од автомобилската индустрија, рударските компании, компаниите за телекомуникациски услуги итн. Осум компании се од автомобилската индустрија и тие учествуваат со една четвртина или 25,4 % во вкупните приходи на овие 100 компании, а повеќе од 30 % од вкупниот број на вработени работат во оваа индустрија. На трговците со електрична енергија им припаѓаат 12,6 % од приходите. Доминира автомобилската индустрија. Осум компании се трговци со нафта и нафтени деривати. Нивното учество во вкупните приходи на најголемите 100 компании изнесува околу 11,5 %. Нешто повеќе од 5 % од вкупните приходи им припаѓаат на 5-те компании од челичната/металната индустрија. Интересен е податокот дека во најголемите 100 компании има и 6 компании кои се занимаваат со дејности на коцкање и обложување. Нивното збирно учество во вкупните приходи на топ 100-те компании е 3,28 %. Во овие компании работат 2 606 лица или 4,4 % од вкупниот број работници во топ 100-те компании.
Гледано низ бројки, најголемите 100 компании во Македонија во 2021 година оствариле вкупни приходи од 10,9 милијарди евра. Овие компании лани оствариле вкупна добивка од 582,3 милиони евра. Кога станува збор за бројот на вработени во овие 100 компании лани биле вработени вкупно 58 683 лица.

Најголемите 100 компании во С Македонија во 2021 година, според остварените приходи

Извор на податоците: Централен регистар на РСМ

Топ 10 во рамките на топ 100-те компании
Збирните податоци за топ 10 во рамките на топ 100-те компании во земјава лани ги покажуваат следниве резултати. Тие оствариле вкупни приходи од 4,47 милијарди евра или 40,7 % од збирниот промет на топ 100-те компании. Нивната добивка во 2021 година изнесувала 150,4 милиони евра (2 од првите 10 компании немаат добивка во 2021 година). Нивната профитабилност (однос добивка/приходи) во 2021 година изнесувала околу 3,36 %. Бројот на вработени во овие компании лани изнесувал 16 050 лица. Листата од најголемите 10 компании ја сочинуваат компании од автомобилската индустрија, компании за трговија со нафта и нафтени деривати, компании за производство и трговија со електрична енергија, компанија за производство на никел, синџир на супермаркети и една компанија за телекомуникациски услуги.
Ако овие 100 компании ги рангираме според остварената добивка, тогаш првите 10 компании лани оствариле вкупен приход од 3,5 милијарди евра, вкупна добивка од 329,5 милиони евра (56,5 % од вкупната добивка на сите 100 компании и профитабилност од околу 9,4 %), а бројот на вработени во овие компании изнесувал 7 756 лица. Најпрофитабилните компании се компании од автомобилската индустрија, компании за производство на производи од челик, за вадење на други руди на обоени метали, за телекомуникациски услуги, за производство и трговија на електрична енергија, за производство на фармацевтски производи, за изградба на патишта, за производство на цемент итн.
Кога во рамките на топ 100-те компании според остварените вкупни приходи како критериум за рангирање би го зеле бројот на вработени, тогаш во најголемите 10 работодавачи во 2021 година својата егзистенција ја остварувале 27 214 лица (46,3 % од бројот на вработени во сите 100 компании). Вкупната добивка на овие компании изнесувала 60,1 милион евра, остварена со вкупни приходи од 1,6 милијарди евра (профитабилност од 3,7 %). Најголемите работодавачи во нашава земја повторно доаѓаат од автомобилската индустрија (4 од првите 10 компании се од оваа индустрија) која несомнено е еден од најголемите двигатели на нашава економија. Голем број на вработени има и во компаниите за производство на електрична енергија, за производство на фармацевтски производи, за трговија со нафта и нафтени деривати, во големите синџири на супермаркети итн.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано