Lifestyle
КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Вештини за победување“
Анатол Кутревски | Авторот е извршен директор на Пекабеско АД
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.
Книгата Вештини за победување која ја има напишано Џек Велч, долгогодишен директор на Генерал електрик, ја имам прочитано првпат по нејзиното издавање во 2009 година и оттогаш ја имам прочитано уште четири пати. При секое читање добивам нова инспирација за практични насоки како треба да се води една компанија од ситни оперативни насоки, па сè до крупни стратешки одлуки за развој на компанијата, управување со човечките потенцијали и личниот развој на секој менаџер. Во книгата нема многу теоретизирање, туку практични совети за тоа што е битно во раководењето на компанијата и на што треба да се фокусира секој менаџер во управувањето на една компанија. Овој човек во текот на својата 40-годишна кариера 20 години е на чело на компанијата Генерал електрик и во негово време компанијата станува најголема компанија во светот со деловни активности во најразлични сектори, од производство на апарати за домаќинство, па до мотори за авиони и финансиски и медиумски дејности. Исто така во книгата дава насоки и критериуми за тоа не само како да се направи успешен бизнис туку и мерила врз чија основа се дефинира дали една компанија е успешна во тоа што го работи и доколку не е успешна кои активности да се преземат за да се подобри бизнисот или да се продаде на некој друг ентитет кој ќе знае подобро да управува со бизнисот. Па така тој вели или сте на прво или на второ место во индустријата, а ако не сте на овие две места преземате активности да стигнете на овие места, а ако не успеете го продавате бизнисот на друг ентитет. Исто така авторот посветува големо внимание на развојот на човечкиот потенцијал кој смета дека е клучен за развојот на секоја компанија и објаснува како во рамките на Генерал електрик функционирал развојот на човечкиот потенцијал за кој смета дека произвела кадри кои донеле конкурентна предност на Генерал електрик. Топло ја препорачувам книгата и мислам дека секој читател би добил инспирација што би можел да подобри во сопствената компанија и за својот личен и професионален развој.