Lifestyle

КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Најтешкиот потег: Како лидерите стануваат стратези“

Игор Давков | Авторот е извршен директор на Скопје Еаст Гате СЕГ

Имање на правилна стратегија која ги адресира предизвиците со кои се соочува една компанија во право време е клучната разлика меѓу повеќе и помалку успешните компании. Стратегијата е мешавина од политики и деловни потези дизајнирани да го надминат предизвикот кога станува збор за одлуки за иднината на компанија. Стратегијата не е цел или посакувана состојба сама за себе, туку форма на решавање на предизвиците со кои се соочува компанијата. За да се најде решение за проблемот, најпрвин проблемот треба да се разбере. Така и стратегијата која треба да изнајде решение за некој предизвик секогаш треба да започне со разбирање на предизвикот, но и со можностите кои произлегуваат за компанијата од овој предизвик. Добриот стратег секогаш треба да се обиде да разбере зошто одредени предизвици станале значајни и кои се последиците од нив. Врвните стратези користејќи ги елементарните алатки како што се: аналогија, споредба и анализа можат да разберат што ѝ се случува на компанијата и да направат дистинкција меѓу критичното и она што не е критично, односно „кои прашања се навистина важни и кои се второстепени“ и да се фокусираат на решавање на првите.
Во својата книга „Најтешкиот потег: Како лидерите стануваат стратези“ (анг. „The Crux: How Leaders Become Strategists“) стратегискиот гуру Ричард Румелт има едноставна порака: најдете ја суштината на предизвикот, фокусирајте се таму, вложете го целиот ваш напор таму и изградете го следното поглавје во развојот на вашата компанија. Во овој конктекст Ричард Румелт во насловот на својата книга го користи терминот „The Crux“. Овој термин се користи во алпинизмот и го означува најтешкиот потег или серија од потези кои алпинистот треба да ги направи за да го совлада најстрмниот наклон на карпата која ја искачува и по кој се оценува тежината на алпинистичкиот подвиг. Лидерите кои се соочуваат со значајни предизвици и носат клучни одлуки по многу што наликуваат на алпинистите кои мора стратешки да размислуваат за да искачат некоја карпа притоа разрешувајќи ги предизвиците еден по друг искачувајќи се нагоре по карпата сè до освојување на целта.
Румелт го користи терминот „The Crux“ во контекст на триделна вештина за стратешко размислување која се темели на следниве постулати:
• проценка за тоа кои прашања се навистина важни, а кои се споредни;
• расудување на проблемите во справувањето со важните прашања;
• решавање на предизвиците еден по еден, а не сите одеднаш.
Зошто вреди да го инвестирате вашето време и да ја прочитате оваа книга?
Оваа книга го истражува прашањето како да изградите деловна стратегија, дава опипливи примери на лоши и на добри стратегии на наши современици и откако ќе ја прочитате и понатаму ќе имате мотив да продолжите да размислувате за начинот на кој во иднина ќе се соочувате со стратешките предизвици.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано