Економија
Увозните давачки покажуваат двоцифрена стапка на пораст, - изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска
14.07.2025
Царинската управа во изминатата година јасно покажа дека може да биде сервис на државата, на граѓаните и на стопанството. Тоа е и основната цел на секоја државна институција – да служи со ефикасност, отчетност и транспарентност, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во обраќањето на настанот насловен „Една година резултати“ на кој Управа даде отчет за сработеното во изминатата една година, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките се импресивни и дека се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на оваа институција.
-Тие се резултат на вложен труд, визија и соработка и претставуваат уште една потврда дека кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен. Особено сакам да го потенцирам значајниот раст на увозните давачки, кои покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината, тренд кој започна уште во минатата година со доаѓањето на новото раководство. Последните податоци покажуваат зголемување од дури 16% во споредба со истиот период минатата година – и тоа не е случајност. тоа е резултат на конзистентна примена на законите и унапредени процеси, истакна министерката.
Овој позитивен тренд, дополни, е доказ дека кога има систем што функционира и каде луѓето ја разбираат својата улога и одговорност, резултатите не изостануваат.
Извор/фото МИА