Економија
ЕУ ГО ЗГОЛЕМУВА ИЗВОЗОТ ВО САД, еврозоната го зголеми трговскиот суфицит во мај
16.07.2025
Според првите прелиминарни проценки, eврозоната регистрираше суфицит од 16,2 милијарди евра во трговијата со стоки со остатокот од светот во мај, објави денес Евростат.
Вредноста на извозот на стоки од eврозоната кон остатокот од светот во мај изнесуваше 242,6 милијарди евра, што претставува зголемување од 0,9 проценти на годишно ниво, додека увозот во исто време се намали за 0,6 проценти на годишно ниво на 226,5 милијарди евра.
Резултатот е поповолен во споредба со април, кога еврозоната регистрираше суфицит од 11,1 милијарди евра во трговијата со стоки, но и во споредба со мај 2024 година, кога суфицитот изнесуваше 12,7 милијарди евра.
Во мај оваа година, Европската Унија регистрираше суфицит од 13,1 милијарди евра во трговијата со стоки, а во истиот месец од 2024 година, суфицитот изнесуваше 8,9 милијарди евра.
Вредноста на извозот на стоки од Европската Унија кон остатокот од светот во мај изнесуваше 216,9 милијарди евра, што е за 0,1 процент повеќе во однос на истиот месец минатата година, додека вредноста на увозот во ЕУ се намали за два процента на годишно ниво на 203,8 милијарди евра.
Дополнително, вредноста на извозот од Европската Унија кон САД, кој е во центарот на вниманието поради царините на Трамп, се зголеми за 4,4 проценти на годишно ниво на 46,2 милијарди евра, а увозот од САД се намали за 7,4 проценти на 27,8 милијарди евра.
Според податоците, мајскиот суфицит на Европската Унија во трговијата со САД изнесува 18,4 милијарди евра, пренесува Политика.
фото freepic