Економија
ОДНОСИТЕ МЕЃУ КИНА И ЕУ СЕ „НА НОВА ИСТОРИСКА ТОЧКА“, Самит ЕУ-Кина во Пекинг: во фокусот се затегнатите економски односи
24.07.2025
Кинескиот претседател Си Џинпинг денес изјави дека односите меѓу Кина и Европската Унија (ЕУ) се „на нова историска точка“ и дека двете страни постигнале позитивни резултати во размената и соработката во 50-годишните дипломатски односи, кои му користеле на целиот свет.
Во Пекинг, Си се сретна со претседателите на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на Европскиот совет, Антонио Коста, објави China Media Group (CMG).
Кинескиот претседател презентирал три предлози за идниот развој меѓу Кина и ЕУ, кои се поврзани со меѓусебно почитување и соработка.
Првиот предлог подразбира зајакнување на партнерските односи, вториот промовира отворена соработка и разумно решавање на несогласувањата, а третиот инсистира на мултилатерализам и почитување на меѓународниот поредок.
Си Џинпинг рече дека Кина и ЕУ мора да дејствуваат со предвидливост поради глобалната нестабилност и да донесуваат стратешки одлуки, а воедно да ја зајакнуваат соработката и меѓусебната доверба, објави државната телевизија CCTV.
Самитот се совпаѓа со 50-годишнината од дипломатските односи меѓу Европската Унија и Кина.
„Овој самит е можност за подобрување и ребалансирање на нашите односи“, објави Урсула фон дер Лајен на социјалната платформа X по пристигнувањето во Пекинг.
И покрај фактот дека двете страни се втор најголем трговски партнер една на друга, односите стануваат сè позатегнати. Брисел е загрижен за рекордниот трговски дефицит од над 300 милијарди евра минатата година и кинеските контроли врз извозот на критични ретки метали што се користат во електрични мотори и сензори.
фото freepic