Економија

Намалувањето на трговските маржи од САД е прва фаза, изјави Мицкоски и очекува дополнителни преговори за намалување на царините од САД

- Од она што го видовте како соопштение од страна на Кабинетот на претседателот на САД Доналд Трамп, ова е прва фаза, ова не е договор, бидејќи тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински стапки, не се ни царини, ова се трговски маржи. Ние сме од 33 проценти намалени на 15. Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме на една условно кажано пауза. Веднаш по годишните одмори коишто ќе ги користи и администрацијата и од Кабинетот на претседателот Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во Министерството и институциите, очекуваме во втората половина на август да продолжиме со преговорите, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Тој изрази очекување тарифите да одат уште подолу, изразувајќи благодарност кон САД што ја корегираа тарифата од 33 на 15 проценти.

Со новата извршна наредба што синоќа ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за речиси сите земји кои досега немаат трговски договор со САД, царинската стапка за Македонија од претходните 33 е намалена на 15 проценти.

Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули. Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35, од Босна и Херцеговина со 30, а најниска царина ќе има Црна Гора 10 отсто. 

Трамп во април годинава, првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 отсто.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано