Економија
Викторија Трајков: Европските фондови се одлична можност за побрз развој на општините
11.08.2025г
Министерството за европски прашања е подготвено да помогне во процесот на аплицирање за поголема искористеност на европските фондови со цел да се овозможи забрзан развој на општините. Ова е клучната порака од денешната средба на заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков со градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
На средбата се дискутираше за степенот на искористеност на ЕУ фондовите во општината, како и можностите за мотивирање на граѓаните и компаниите за зголемување на интересот за поголема реализација на овие фондови во општината.
При тоа, беа дефинирани и конкретни чекори со цел подобрување на капацитетите на општината за поголема искористеност на ЕУ фондовите.
Посебен фокус беше ставен и на актуелните и планираните проекти поврзани со локалните бизниси и можностите за поддршка на овие проекти преку европските фондови, со цел се помогне во развојот на општината.
Министерството за европски прашања, како што истакна на средбата заменик-министерката за европски прашања, Трајков, ги става на располагање своите капацитети со цел да помогне во создавање на сите предуслови за непречено аплицирање со цел да се овозможи поголема искористеноста ЕУ фондовите во насока на подобрување на животот на граѓаните.
Во рамките на посетата на Прилеп, заменик-министерката Трајков ја посети компанијата „Бимфуд ДОО“, која со помош на ИПАРД средства го модернизираа производството и со тоа е овозможен понатамошен развој на компанијата.
Исто така, заменик-министерката Трајков го посети и Основното училиште „Добре Јованоски“ во Прилеп каде имаше можност да ги види придобивките од изградбата на новото мултифункционално игралиште реализирано во рамките на проект поддржан од УНДП: „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо – економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“.
При тоа, заменик министерката за европски прашања Трајков го истакна задоволството што преку вакви проекти се влијае на социјализацијата и интеграцијата на граѓаните преку спортот.
Заменик-министерката Трајков ја заокружи посетата на Прилеп со обиколка на спортските терени во општината, како и куса посета на новата градинка „Бајка“, која беше неодамна пуштена во употреба, а со којашто се решава повеќедеценискиот проблем за згрижување и нега на најмладите на подрачјето на општина Прилеп.
За време на посетата на Прилеп заменик-министерката Трајков порача дека Владата ќе продолжи да работи на реализација на програми и проекти за подобрување на животот на граѓаните како на национално, така и на локално ниво.