Економија
Извештај на ЕК: Потребни се постојани дополнителни напори за забрзување на напредокот на железничкиот Коридор 8
03.11.2024
Европската комисија во Извештајот за напредокот на државава за 2024 година оценува дека оперативниот и административниот капацитет за сите видови транспорт е низок и оти е направен мал напор за нивно зајакнување. Во однос на општото законодавство за транспорт, наведува дека клучните стратешки документи за транспортот и неговите потсектори се воспоставени од 2023 година, но не е постигнат напредок во развојот на акцискиот план за Националната транспортна стратегија 2018 - 2030, стои во Извештајот.
ЕК оценува дека остануваат слаби капацитетите на Државниот инспекторат за транспорт и оти финансирањето за одржување на патиштата не ги покрива потребите.
Во однос на железничкиот транспорт, констатира дека се исполнети условите во однос на раздвојувањето на управителот на инфраструктура и националниот оператор, а го критикува одложувањето на либерализацијата на железничкиот превоз.
По отворањето на железничкиот пазар за сите оператори од декември 2023 година, неодамнешните измени на Законот насочени кон затворање на пазарот за нови учесници додека земјата не се приклучи на ЕУ, според Комисијата, претставува отстапување од целта на законодавството на ЕУ и Договорот за транспортна заедница.
- Потребно е спроведување на изменетото законодавство за безбедност и интероперабилност на железницата. Доцнат подготовките за зајакнување на оперативниот капацитет на Дирекцијата за безбедност на железницата. Сè уште нема напредок во формирањето тело за истрага на несреќи. Се уште не е склучен договорот за прекугранична железничка соработка со Грција, истакнува ЕК.
Во областа на воздухопловството, се констатира дека земјата одржала добро ниво на усогласеност со правото на ЕУ и делумно се усогласи со законодавството за воздухопловна безбедност. Во текот на извештајниот период, стои во Извештајот, се оценуваше дали земјата треба да биде примена во следната фаза од Договорот за заедничката европска авијација (ЕЦАА). Сè уште се потребни дополнителни напори за да се олеснат инспекциите за стандардизација на Европската агенција за воздухопловна безбедност. Независното функционирање на давателот на услуги за воздушна навигација треба да се одржи.
Европската комисија оценува дека е постигнат напредок во однос на мултимодалниот транспорти и оти техничките експерти сè уште работат на поставување на мултимодален јазол во близина на Скопје. Исто така и дека државава сè уште не го усогласила националното законодавство со правото на ЕУ за електронски информации за товарен транспорт, како и делот за правата на патниците во железницата.
ЕК се осврнува и на нашето учество во трансевропски мрежи (TENs) што ги промовира ЕУ во областа на транспортот, телекомуникациите и енергијата .
- На транспортните мрежи, поголемиот дел од патната мрежа не е во согласност со регулативата за Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), бидејќи Коридорот 10 е понапреден во овој поглед од Коридорот 8. Националната транспортна стратегија за 2018-2030 година е во согласност со развојот на TEN-T, но нема акциски план. Неефикасното постапување како што е за акциониот план за стратегијата и бавната имплементација, како на пример за работите долж Коридорот 10-д го попречуваат развојот на овој сектор. Земјата во моментов спроведува повеќе од 10 проекти на патната мрежа TEN-T. Средствата наменети за одржување на патната инфраструктура не ги покриваат потребите. Постои ограничен интерес за развој на планови за одржлива урбана мобилност, иако средствата од ИПА се достапни за релевантни проекти, стои во Извештајот.
Во април 2024 година, се посочува, е направена ратификација на договорот на високо ниво меѓу Северна Македонија и Европската Унија за индикативните карти на трансевропската транспортна мрежа во Северна Македонија во согласност со договорот за индикативни карти за TEN-T во Западен Балкан потпишан во мај 2023 година. Коридорот 8 ќе биде дел од новиот Западен Балкан – Источен Медитерански европски транспортен коридор, кој ќе ја поврзува Југоисточна Европа со центарот на Европа преку регионот на Западен Балкан.
ЕК констатира дека напредуваат работите на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија, но и дека третата фаза од проектот, од Крива Паланка до границата со Бугарија е прекината од националните власти.
Во Извештајот се нагласува дека се потребни постојани дополнителни напори за да се забрза напредокот на железничкиот Коридор 8 и другите приоритетни делови од основната мрежа и за железницата и за патиштата.
-Потребни се повеќе напори од двете страни за финализирање на меѓусебниот договор со Грција за воспоставување на железничкиот граничен премин Кременица-Неос Кафкасос со веќе изградената оперативна железничка инфраструктура. Финансирањето за изградба на соодветна инфраструктура на железничката гранична станица Табановце сè уште не е целосно обезбедено. Сè уште не се усвоени петгодишните планови за одржување на патиштата и железницата, стои во Извештајот.
Извор МИА
фото freepic