Економија

Се продлабочува енергетската соработка со Азербејџан

14.11.2024

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како дел од официјалната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, присуствуваше на средбата со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев. Во фокусот на разговорите беше потенцијалот за соработка во областа на енергетиката, посебно гасификацијата.

-За време на средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа оценети како пријателски и со значителен потенцијал за продлабочување во различни сектори, со акцент на енергетиката. Македонската делегација го истакна интересот на Македонија за диверзификација на изворите на енергија и зајакнување на економската соработка со Азербејџан, информираат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Македонската и азербејџанската страна, додаваат, изразија задоволство од неодамна потпишаниот меморандум за разбирање меѓу енергетските компании на двете држави, кој има за цел да придонесе кон енергетската стабилност на Македонија.

- Соговорниците изразија подготвеност за понатамошна соработка преку конкретни билатерални договори, а од страна на претседателот Алиев беше потврдена подготвеноста на Азербејџан да учествува во потенцијални проекти за гасификација во Македонија, нагласуваат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. 

Потпишувањето меморандум за разбирање меѓу АД ЕСМ и азербејџански СОКАР е навистина фантастична вест и е нешто позитивно за нас како држава, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Нагласи дека очекува со меморандумот државава да добива уште пониска цена за природниот гас.

-СОКАР е огромен гигант како компанија и веќе доставува повеќе од 20 милијарди нормални кубни метри гас во шест земји во Европа до овој момент и таа бројка се зголемува сега и со нас. Преку СОКАР, ЕСМ се снабдува во последниот квартал од оваа година со гас за затоплување и производство на електрична енергија, рече Мицкоски во одговор на прашање по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Тоа, како што кажа, за бизнисот за гас е во суштина  е прв квартал, а следната година нашиот прв квартал во бизнисот за гас ќе биде втор квартал.

- Очекувам дека со овој меморандум ќе добиеме уште пониска цена, такви се очекувањата и она кое што јас сум го разговарал со државниот врв во Азербејџан. Со ова навистина покажуваме дека подготвени ќе ја пречекаме зимата и дека нема да имаме проблем во снабдувањето со енергенси, порача Мицкоски. 


 Извор МИА

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано