Економија
Нови автобуси финансирани од ЕУ за Скопје и за почист воздух
25.11.2024г
Утре, 26 ноември 2024 година, во 11:00 часот, Амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и Мишела Телатин, директорка на канцеларијата на УНОПС за повеќе земји, ќе му предадат шест нови еколошки автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП“ на градот Скопје. На свеченото примопредавање ќе учествуваат Данела Арсовска, градоначалник на Скопје и Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
Европската Унија ги испорача шесте нови автобуси за потребите на Град Скопје во рамките на програмата „ЕУ за чист воздух“ финансирана од ЕУ, која е управувана од УНОПС, а ги опфаќа и Битола, Куманово и Тетово. Автобусите работат на компримиран природен гас (CNG) и го исполнуваат стандардот ЕУРО 6; намалените емисии на CO2 ќе придонесат за подобар квалитет на воздухот во главниот град.
Ова претставува значаен чекор во подигање на свеста за јаглеродниот отпечаток и обезбедување одржлива урбана мобилност. Засилениот возен парк на ЈСП е исто така во согласност со Зелениот договор на ЕУ и стандардите за квалитет на воздухот низ Европската унија, кои имаат за цел да го сведат загадувањето на нула до 2050 година и да помогнат во спречување на предвремени смртни случаи поради загадениот воздух.
Секој автобус е со капацитет од 98 патници (69 стоење + 29 седишта), вклучувајќи и за лицата со попреченост, со што дополнително се подобрува нивниот пристап до основните услуги и се обезбедуваат можности за пристапен јавен превоз и безбедна урбана мобилност.