Економија
ТРИ ЗЕМЈИ ОД ОПЕК ПОВИКАА НА ДОБРОВОЛНО НАМАЛУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА НАФТА
27.11.2024
Саудиска Арабија, Русија и Казахстан денеска ја нагласија важноста за целосна посветеност на доброволното намалување на производството на нафта што беше договорено меѓу државите од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), пренесува саудиската државна агенција СПА.
Веста е објавена по одржувањето на телефонскиот состанок на министрите за енергетика на Саудиска Арабија, Русија и Казахстан. Трите земји се договориле за усогласување на компензациите за секој вишок на производство во нафтениот картел ОПЕК, пренесува „Ројтерс“.
Земјите од ОПЕК преговарале за натамошно одложување на планираното зголемување на производството на нафта кое требаше да почне во јануари, наведуваат неименувани извори за британската агенција.
ОПЕК во недела ќе одржи состанок на кој ќе се одлучува за плановите за производство на нафта во првите месеци од 2025 година. Во ноемврискиот извештај на ОПЕК повторно беше намалена прогнозата за глобалниот раст на потрошувачката за нафта во 2024 и 2025 година.
Годинава се очекува глобалната потрошувачка на нафта да се зголеми за 1,82 милиони барели дневно, што е пад во однос на октомвриската процена за растот на потрошувачката за 1,93 милиони барели дневно, пренесува РТВ.
фото freepic