Економија
Божиновска во ХЕЦ Тиквеш: Водостојот критичен, неопходна е акција
03.12.2024
Водостојот е критичен и последица од несовесно управување, неопходна е акција, е изјавата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по денешната посета на хидроелектраната „Тиквеш“, информираат од Министерството.
- Нивото на големата вештачка акумулација во земјава, Тиквешкото езеро, останува далеку под потребното ниво. Водата од езерото не е ниту до горниот праг од тунел Тисовец кој е на кота 245 м водостој на Тиквешкото езеро. Генерално состојбата е критична на ниво на цела држава, се вели во соопштението до јавноста.
Божиновска заедно со директорот на електраната, Звонко Бошков и претставници на раководството на ЕСМ биле во обиколка на ХЕЦ Тиквеш.
Министерката ја нагласила итната потреба за внимателно и одговорно менаџирање со ресурсите. Таа истакнала дека сликата што ја затекнале испраќа јасна и итна порака, дека енергијата не е бесконечна.
Тимот од хидроелектраната информирал дека освен критичната состојба со водата, стравувале и од хаварија, бидејќи доколку нивото на водата продолжи да паѓа со „влез на воздух во доводниот цевод“, можело да доведе до кавитација и сериозни оштетувања на системот.
Денес имало доток на вода 7 пати повеќе од претходниот период, благодарение на обилните дождови изминатото деноноќие.
- ХЕЦ „Тиквеш“ произведува електрична енергија со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh, но сега се соочува со сериозни ограничувања поради недостигот на вода. Раководството ја информираше министерката и за идните инвестициски планови за подобрување на состојбата. Министерката изрази благодарност до тимот на ХЕЦ „Тиквеш“ за нивната посветеност во одржувањето на производството, соопштија од Министерството.
Фото : Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини