Економија
ВИСОК РАСТ НА ГЛОБАЛНАТА ТРГОВИЈАТА СО УСЛУГИ, ПАД ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА
09.12.2024
Глобалната трговија може да достигне највисоко ниво од 33.000 милијарди долари во 2024 година, што е за 1.000 милијарди долари повеќе од претходната година, се вели во извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој - УНКТАД.
Овој годишен раст од 3,3 отсто главно беше поттикнат од зголемување на трговијата со услуги за седум отсто. Трговијата со стоки годинава порасна за два отсто, односно забави и остана под максимумот од 2022 година.
Во третиот квартал од оваа година, развиените економии го предводеа растот на глобалната трговија, а увозот на групата од овие земји квартално се зголемил за три отсто, додека извозот е зголемен за два отсто.
Јапонија забележа најголем квартален раст на извозот на стоки од пет отсто и најголем годишен раст на извозот на услуги од 13 отсто. Соединетите Американски Држави забележаа четири отсто зголемување на увозот на стоки и на квартално и на годишно ниво, при што извозот се зголеми за два отсто годишно и еден отсто квартално. Увозот на стоки во Кина е намален за еден отсто во третиот квартал, а извозот за два отсто, додека увозот на услуги е намален за еден отсто. Индија забележа пад од еден отсто на увозот на стоки и три отсто на извозот на квартално ниво, а на годишна основа увозот на стоки е зголемен за четири отсто, а извозот е зголемен за два отсто.
Растот во третиот квартал беше поттикнат од ИКТ и конфекциската индустрија. Очекувано, автомобилската индустрија забележа пад од три отсто, пренесе „Бизнис.рс“.
фото freepic