Економија

ДО КАДЕ Е ГРАНИЦАТА НА СРПСКИОТ МОДЕЛ НА ЕКОНОМСКИ РАСТ?

Економскиот раст на Србија моментално е поголем од земјите во средна и источна Европа, но моделот на кој се темели нејзиниот раст е пред „исцрпување“, е заклучокот од научниот собир одржан во Српската академија на науките и уметностите. Професорот на Економскиот факултет во Белград и поранешен член на Фискалниот совет Павле Петровиќ, предупредува дека српскиот модел на раст не се темели на квалитет, туку на квантитет, односно на приливот на капитал и новите вработувања. Меѓутоа, со стапка на невработеност од осум отсто Србија има уште три до четири години пред да се соочи со предизвикот на забавување на економскиот раст.

- Стапката на невработеност во централна и источна Европа е пет отсто. Ова значи дека ќе има се помалку работна сила која ќе го поддржува растот. Од 2013 до 2022 година Србија имаше конкурентска предност во ниските плати, што ги привлече странските инвестиции и тоа го зголеми економскиот раст. Сега понудата на работна сила се намалува, што влијае на силен раст на платите, а цените на трудот во Србија се на ниво на регионот на централна Европа, изјави Петровиќ, пренесува „Нова економија“.

Платите во Србија номинално се зголемиле за двапати од 2016 година од 375 на 840 евра. Земјата забрзано ја губи ценовната конкурентност, а во структурата на српската економија доминираат традиционалните сектори. Во последните 20 години регионот на средна и источна Европа премина на напредни и високопродуктивни економски гранки. Вториот проблем е што економскиот раст на Србија е резултат на државните вложувања и странските инвестиции, додека вложувањата во приватните компании во Србија се намалуваат како учество во БДП, пренесува „Пословни дневник“.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО